Кундера – 90 години: Дали познатиот писател по втор пат ќе стане Чех ?

Најдобрите зналци на неговиот опус велат ,,црно на бело” дека за разлика од повеќето писатели-дисиденти, Кундера никогаш не бил политички писател, туку примарно се занимавал со естетиката. Т

791

Заталкани, тадури и разбеснети во нашите сакам-мразам корупки, заборавивме, барем во ,,Деновите пред години”, да одбележиме една годишнина што не ја пропушти цел свет: 90-от роденден на познатиот писател Милан Кундера.

А само пред неколку години, кога се уште дишеше издавачот ,,Табернакул” на истиот тој Кундера му беше високо македонско признание. Респектирајќи ја возраста на Кундера, одбрани нашинци му го врачија признанието во неговиот дом во Париз. Нејсе, не ни е првпат да забораваме, а ела нека излезе некој на облога дека ни е последен.

Од 1975 година Кундера го напушти своето родно Брно и тмурноста на катадневието на родното Брно го заменува со блесокот на градот на светлината – Париз.
Нека се прибележи тука и фактот дека професорот Иван Доровски, надворешен член на МАНУ учествувал во заминувањето на Кундера: на возот за Приз, Кундера се искачил директно од автомобилот на Доровски. Во Париз Кундера набргу ќе стане француско-чешки писател. Дрво со два корена, така некако, како што претскажа во својот последен роман објавен во родината ,,Животот е некаде другаде”. А неговото име громогласно одекна во светот уште со објавувањето на неговиот романескниот првенец ,,Шега” во 1967 година.

Првиот роман му донесе огромна слава на Кундера, но веднаш по Советската инвазија му донесе и челно место меѓу авторите чиишто дела беа забранувани. На Македонија може да и служи на чест што ЗИД ,,Нова Македонија” меѓу првите го објави преводот на овој знаменит роман, што некои врвни познавачи го оценуваат како најдобар во богатиот опус на писателот. Други им даваат предимство на ,,Книгата на смеата и заборавот” (1978) и на ,,Неподнослива леснотија на постоењето” (1984). Ни едните, ни другите – не грешат.

Којзнае дали е општо правило, ама галиба треба да им се верува и на тие кои ја застапуваат тезата дека секој добар романсиер првин бил поет. Така е и со Кундера. Во далечната 1953 година тој ја објавува својата стихозбирка ,,Човек широка градина”, за потоа да објави уште две: ,,Последниот мај” (1961) и ,,Монолози” (1965). Освен веќе погоре спомнатите романи, Кундера во Чехословачка ги пишува и ,,Смешни љубови”, ,,Проштален валцер”, а кон нив во Париз се придодаваат уште и  ,,Бесмртност”, ,,Бавност”, ,,Идентитет”, ,,Незнаење…”. Има напишано и десетина книги есеи, а и неколку драми.

Станува еден од најчитаните автори во светот, сака напор да се добројат на кои и колку јазици. Благодарејќи пред се на ,,Табернакул” највредниот дел од богатиот опус на Кундера е преведен на македонски јазик, а наклонетите кон цинизмот не би ја испуштиле можноста да додадат дека одамна не престануваме да ја живееме неговата неподнослива леснотија на постоењето.

Самата животна врвица на Милан Кундера е набабрена приказна. Уште како тинејџер, тој и се придружува на Комунистичката партија на Чехословачка, која, како што е познато, во 1948 година со преврат научен во школата на Сталин, ја презема власта во оваа, дотогаш демократска земја. Колку што набрзина влегол, Кундера бргу и престанал да биде член на КПЧ: во 1950 година, заедно со колегата по перо Јан Трефулка, е исклучен од Партијата заради ,,антипартиски активности”.

Тој настан е во сржта на неговиот роман ,,Шега”. Партиската нишалка на Кундера не запира со тоа: во 1956 година повторно е примен во партиските редови, за во 1970 пак да биде исклучен – занавек. Пред советската окупација во 1968 година, Кундера учествува во познатата Прашка пролет – не меѓу челниците, ама учествувал. И останува, Кундера, посветен на реформата на чешкиот комунизам заради што и беше исклучен од Партијата. На таа тема, позната е, неговата жестока полемика со Хавел, водена во времето на Прашката пролет. Кундера тогаш е уверен дека суштината е да се остане смирен и дека ,,никој се уште не е затворен заради своето мислење.” Предупредува дека важноста на Прашката есен, најпосле, може да биде поголема од онаа на Прашката пролет. Подоцна, Кундера сепак се откажува од своите реформски сништа, а јавето го гледа во Франција, чијшто жител станува во 1981 година, две години откако родната Чешка му го одзема државјанството. На француски Кундера почнува да пишува дури во 1993 година.

Есента 2008 година, Кундера од нигде никаде стана топ-тема на чешката (и светската) јавност, по објавата на еден чешки неделник која веднаш беше демантирана. Тогаш голем број чешки писатели и интелектуалци, Вацлав Хавел прв меѓу нив, изјавија дека не веруваат во оваа приказна и најостро го осудија обидот за компромитирање на Кундера. Не мина ни една месец од фрлањето кал врз лицето на големиот писател, во негова одбрана јавно застанаа единаесетмина меѓународно признати писатели: Салман Ружди, Филип Рот, Карлос Фуентес, Габриел Гарсија Маркес, Ј.М. Кеце, Орхан Памук, Хорхе Семпрун и Надин Годимер. Петмина од нив се нобеловци. Случајот како да беше препишан од неговите романи. Самиот Кундера, впрочем, одамна беше запишал дека романсиерот не му полага сметка никому, освен на Сервантес.

Најдобрите зналци на неговиот опус велат ,,црно на бело” дека за разлика од повеќето писатели-дисиденти, Кундера никогаш не бил политички писател, туку примарно се занимавал со естетиката. Тоа се илустрира со примерот на Лудвик од ,,Шега”: кога тој ќе напише на разгледница ,,Да живее Троцки”, тоа не е политички, туку естетски мајтап. Со политички последици, сепак. Таквото толкување своевремено направи и мало недоразбирање на Кундера со читателите, особено на Запад, кои се напинаа да го читаат низ политичка диоптрија.

Повеќе од дваесет години, Кундера, оправдано лут, нема стапнато на чешко тло. Минатата есен, при престојот во Париз, чешкиот премиер Бабиш го посети Кундера во неговиот париски дом и му понуди Чешка да му го врати државјанството. Одговор од Кундерра се уште нема и тоа не зачудува, кога се знае дека тој цели 35 години не дава никакви изјави и интервјуа. Во Чешка ретко ќе најдете човек кој не навива да се сотвари иницијативата на Кундера да му се врати државјанството. Но, истовремено мнозина умни луѓе тука знаат дека вистинските егзиланти ретко се враќаат, дури и тогаш кога тоа е сосема изгледно, кога во нивните поранешни татковини дошло до. Суштински промени. Со прашањето: зошто Кундера би го повторувал истиот пат, некои негови колеги од светската елита потсетуваат и на познатата мудрост на Хераклит дека двапати не можеш да влезеш во иста река. Но, не е мал бројот на оние кои мислат дека во магичниот жубор на Влтава се остваруваат многу надежи, желби и чудесии, многу невозможни нешта стануваат можни. Ќе ја премине ли Кундера уште еднаш Влтава?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...