Земјата со потпис ќе ја обврзе еден премиер кој е изолиран и од народот и од неговиот владин кабинет, премиер што нема согласност од министерот за одбрана, рече одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија, Јоргос Кумуцакос на денешната расправа во грчкиот Парламент за гласање недоверба на Владата.
Кумуцакос рече дека Нова демократија го отфрла договореното затоа што не прифаќа „лоши договори“, а упати и обвинувања до Владата дека барала аргументи што се во корист „не на Грција, туку на другата страна“.
– Ви даваме аргументи, постоечки аргументи дека не е признат македонскиот јазик од Грција во модерниот облик на македонското прашање, а вие барате, наоѓате, многу сте детални во тоа да најдете аргументи што се во прилог на другата страна. Ова никогаш се нема случено. Никогаш се нема случено министер за надворешни работи и Влада да бараат аргументи што се во корист на другата, а не на нашата страна – рече Кумуцакос во однос на признавањето на македонскиот јазик.
Надлежниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија го сподели неговото искуство кога како дипломат добивал упатства од Министерството за надворешни работи, секогаш кога ќе ја видел придавката македонско/а/и поврзано за Репубика Македонија, да реагира и да се обиде да го промени тоа.
– Ова беа упатствата. Сега никој дипломат, што има водено битки за овие прашања согласно со упатствата, не може да ја прифати вашата отстапка – рече Кумуцакос.
Тој рече дека постигнатиот договор, впрочем е истиот оној за Илинденска Македонија, но само со сменет наслов.
– Овој договор во целина е истиот договор што ја материјализира содржината на името Илинденска Македонија. Го сменивте насловот, но го оставивте останатото. Овој договор беше готов, прилагоден на името Илинденска Македонија, најиредентистичкото име во историјата на преговорите. Не успеавте со тоа име и само го сменивте насловот, но се друго му служи на најиредентистичкото име во 30-те години од преговорите – коментираше Кумуцакос од собраниската говорница.