Куманово ќе добие нов ургентен центар наскоро

135

Министерот за здравство, Венко Филипче денеска ја посети Општата болница Куманово со цел да направи обиколка на комплетно новиот објект на Ургентниот центар во Куманово. Градежните зафати се завршени и наскоро ќе биде пуштен во употреба.

Тој истакна дека оваа установа е исклучително позитивен пример на јавна здравствена установа која во соработка со Министерството за здравство и Владата на Република Северна Македонија во континуитет вложува во унапредување на квалитетот на јавното здравство и на што сме посебно горди.

– Градежните зафати се завршени и ќе бидат сместени итната хируршка амбуланта, ортопедска, анестезиолошка амбуланта, компјутерска томографија и ЕХО дијагностика – истакна министерот Филипче и потсети дека овој објект е изграден од темел, со поддршка од Министерството за здравство и Проектната единица за обнова и реконструкција и додаде дека од оваа инвестиција, придобивка ќе имаат над 30.000 пациенти кои на годишно ниво гравитираат во Ургентниот центар, со посебен акцент на хирургија, урологија и ортопедија.

За компарација, како што истакна министерот, просториите наменети за оваа цел претходно биле сместени во подрумски простории, често поплавувани, без природно светло, додека со новиот простор се добива повеќе од 90 отсто поголем простор со новиот ургентен центар.

– Со отворањето на новиот ургентен центар, пациентите ќе добијат можност на едно место да добијат комплетен хируршки, ортопедски и анестезиолошки преглед, било да се работи за ургентна состојба или се упатени за преглед од матичен лекар. Во приемната амбуланта ќе се врши тријажа на итните случаи,а во дневната болница истите ќе бидат обсервирани,под терапија и под контрола од хируршки тим – изјави директорката на кумановската болница д-р Снежана Захариева.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...