Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, и претседателката на Советот, Атина Мургашанска, беа во дводневна посета на Бања Лука по повод денот на градот, каде Димитриевски и градоначалникот на Бања Лука, Игор Радојичиќ, потпиша договор за збратимување на двата града.
Овие градови веќе со години соработуваат во различни области.
По потпишувањето, кумановскиот градоначалник искажа задоволство во врска со формализирањето на односите помеѓу двата града и во името на граѓаните на општина Куманово им го честиташе празникот на сите жители на Бања Лука.
– Во последните осум години нашите градови соработуваат интензивно на полето на култура и уметноста. Она што беше најбитно е што бевме едни до други во најтешките мигови, а тоа е во 2014 г. кога Бања Лука имаше големи проблеми со поплавите и во 2015 година кога Куманово имаше немили настани. Нашата соработка продолжува понатаму, разговаравме за можна соработка во областа на спортот, образованието и на поле на бизнисот – рече Димитриевски.
Радојчиќ истакна дека соработка со Куманово е од големо значење за нивниот град.
– Во досегашната соработка со Куманово се почуствува една искрена топлина и пријателство помеѓу нашите два града и онаа што секогаш можеме да го превземеме од нашите пријатели од Куманово е таа срдечност и топлина. Голема е среќата да се има уште еден ваков пријател – истакна тој.
Во Бања Лука, присуствуваа претставници од петнаесет градови од околината и регионот, кои имаа можност да ја проследат богатата програма по повод празникот на градот.