Општина Куманово продолжува со поставување на средствата за смирување на сообраќајот „лежечки полицајци“ на повеќе локации во градот, на улиците околу основните и средните училишта, со цел учениците и пешаците да имаат поголема безбедност во сообраќајот. Поставувањето на асфалтните смирувачи на сообраќајот и подигнати пешачки премини, информираа денеска од општината, се спроведува преку иницијативата на Заедницата на единиците на локалните самоуправи преку користење на основни сообраќајни проекти со позитивна ревизија за поставување на подигнатите пешачки премини.
Општината ќе постави вакви средства на локациите кои ќе бидат предложени од граѓаните, но предност ќе имаат улиците каде се лоцирани училишта и градинки. Општина Куманово досега во текот на летото, искористила осум проекти со ревизија, а предвидени се вкупно дванаесет локации. Вкупно, ќе бидат поставени 21 средство. СВР Куманово како институција која е задолжена за издавање на согласност, позитивно се произнела за искористените средства.
Поставувањето на овие средства за смирување на сообраќајот кои што хоризонтално и вертикално се одбележани ќе трае и наредниот период.