Од 29 до 31 август, на плоштадот „Делфина“ во Влае 2 и на платото на „Млечен“ ќе се одржи 12. издание на COOLтурно лето Карпош 2019. Градоначалникот Стефан Богоев ги покани сите граѓани да бидат дел од ова COOLтурно Лето.
Оваа година, манифестацијата ќе се одвива на две различни локации за да се привлечат граѓани од различни населби од Карпош, но и од другите скопски општини.
Акцентот е ставен на домашните изведувачи, млади таленти, но и на докажани имиња на македонската музичка сцена.
Во четврток во 19.30 часот на плоштадот „Делфина“, ќе се одржи детската претстава „Зеленковци“ во изведба на Театар Провокација. Популарниот Жаре од „Еден на еден“, два дена ќе ја води програмата, а по него ќе настапат Гуру Харе, Антониа Гиговска, Мики Јовановски – Џафер и Емилија Колоска.
Во петок, исто така на плоштадот „Делфина“, од 19.30, вечерта ја отвора култниот лик за најмладите – Петко 5+, а потоа следува перформанс на група од светски хорови кои се учесници на Меѓународен фестивал во Скопје. Вечерта се затвора со добро познатата група „Нокаут“.
Во сабота продолжува забавата за најмладите на платото на „Млечен“. Од 18.30 часот ќе се дружат со GP и Steffonator и со Слаткаристика. Вечерта, со својот настап, дополнително ќе ја збогатат Александар Митевски & Дац, а годинешното COOLтурно Лето ќе биде затворено со поп – рок забава, со Дани Димитровска и нејзиниот бенд.