Да се набљудуваат постреферендумските врескања и одекнувања од Кавадарци, значи дека оваа земја ги проживува „занимливите времиња“ според онаа таканаречена кинеска клетва. Бизарниот референдум му доаѓа нешто како шлаг на торта или можеби не – можеби „шлаговите“ допрва следуваат. Мачно е да се пишува за референдумот, мачно е затоа што ова е ужасно мала земја, сите меѓусебно се поврзани и ништо не е објективно, па играме улога на објективни новинари, активисти, критичари, а пак, можеби и овој текст немаше да го пишувам ако само за момент не забележев нешто многу поуниверзално и подалекусежно.
Се разбира дека прашањето на референдумот не беше нужно само прашање на името на земјава и Договорот со Грција, туку станува збор и за темелниот светоназорен спор што лесно се „прекршува“ и околу малцинските прашања на оваа земја: што ќе биде со владеењето на правото, што ќе биде со најранливите категории, што ќе биде со слободите на граѓаните, што ќе биде со животниот стандард, што ќе биде со работничките права, што ќе биде со меѓукомшиските и меѓучовечките односи…
Позицијата на црквата
Како што гледате, светоназорните погледи се и понатаму фундаментално важни, исто како што од Договорот со Грција и решавањето на спорот ова општество ќе го промени изгледот и ќе се моделира како „западна хемисфера на модерноста“; за волја на вистината, концепциски тука се промаши референдумот и неговото „темелно артикулирање“ до плебисцитот (или популарно наречено „народот“).
Но, она што овде мене најмногу ме интересира е сложениот дијалектички однос на трите, ајде да ги наречеме, светоназорно-вредносни „блокови“, или банално да ги поедноставам на начин што ќе ги наречам социјалистички/комунистички, граѓанско-либерални и клерикално-конзервативни (како според идеите, така и според методологијата, неретко дури и фашистички). Од позиција на Црквата, како и оние ултрадесни здруженија „доктринирани“ од „националната интелигенција“, не само во Македонија, туку и во цела Европа и западниот свет генерално, на дело и во некоја смисла, на власт е некаков вид левичарско-либерален „заговор“ што треба да ги растури „традиционалните вредности“. Сега е добро само за момент да се оттргнеме од актуелниот повод и да кажеме дека ова што денес ни се случува не е од вчера и нема да пројде ниту кога умно ќе се затворат сите актуелни спорови.
Да го погледнеме, да речеме, идеолошкиот профил и главниот ток на Црквата, таканареченото „мапирање на ѓаволот“. На една страна Црквата (и на неа блиски политички и интелектуални структури) бурно реагираат на „С“ од социјализмот и „К“ од комунизмот; добро, стара е таа мирудија, а и некако „природно“ ни изгледа, навикнавме од минатите времиња кога една форма на социјализам беше на власт. Е сега, ако на некому социјализмот му е одбивен, наивниот ќе помисли дека капитализмот може да му биде прифатлив. Но, нели Црквата е (а и не само таа) профилирана како еден вид антилиберален и антикапиталистички духовен стожер?
Мрачни сили
Значи, ниту Црквата ниту целокупната светоназорна десница не го сакаат социјализмот, а не го сакаат ниту капитализмот (кој, нели, така злобно нè отуѓува од нашите традиционални, национални и верски вредности), или барем не она што се препознава како негова „либерална“ цртичка, нивниот стратешки пакт со левичарско-еманципаторскиот шејтан. Десницата, да употребиме еден „марксистички жаргон“, нема никаков проблем со „материјалните односи“ односно, производствените, туку има проблем со „духовната надградба“: ако таа во битно oтстапува од матрицата на клерикално-националното баење, капитализмот од агол на десницата се преобликува во бољшевизам (капитал-бољшевизам?) против безбожната плутократско-комунистичка завера, а Черчил и Сталин, симболички речено, стануваат сојузници… Добро, овој пример навистина се случи. И сега треба да сфатиме дека тоа беше сосема природно и сосема нужно затоа што наспроти себе имаше еден монструм. Или и тоа го заборавивме?!
Ако ги слушате сите тие клерикални политичари и црковни свештеници, лесно ќе ја воочите разликата во светоназорниот-идеолошки блок така што поедноставено ќе ги наречеме „социјалистички“ и „либерални“ – а кои страшно држат до себе поради своите меѓусебни разлики – од нивниот агол речиси „залепени“ се во едно, додека, пак, нивните меѓусебни спорови воопшто не ги засегаат, доколку воопшто ги нотираат или разбираат. Ним им е само важно дека се работи за безбожна и педерска структура (!) која се курдисала против нивните светини и традиции.
Вам, почитувани, можеби ви звучи (или ви се исчитува) малку шашаво, ама нема тука ништо изненадувачки. Имено, контемплирајќи ја оваа состојба од мој агол, сакам да кажам дека сè уште се живи – низ македонските сокаци – наративите дека против Македонците постои сеопфатна ватиканско-масонска-коминтерновска сила… Доаѓаат по вас, Македонци – бу!
Немој да се смеете, така тоа изгледа „од десно“, и право да ви кажам, немам јас со тоа никаков проблем, затоа што јас од таа страна ништо и не очекувам (и многу ретко пријатно се изненадувам!) Ама како ваквиот „споен блок“ може да изгледа од „лево“? Е, тоа, почитувани, многу повеќе ме интересира, а и многу повеќе ме „апе“, затоа што мојот првобитен идеолошки-светонадзорен инстинкт и импулс е секогаш лев, додека секоја идеолошка десница ме остава во состојба на ладна, помалку гадлива рамнодушност.
Суштински разлики
Постреферендумот не е прашање на името, спорот со Грција, западната цивилизација и Путиновата губернија, конфликтот не е ниту конфликт на левица и десница за која сите пишуваат, туку војна на два облика на граѓанско владеење: либерализам и фашизам. Да резимирам(е). Конфликтот околу човечките и малцинските права, а поводот е референдумот, кој не е конфликт меѓу лево и десно, оти тука нема никакви „леви аргументи“, дури нејасно е какви точно има; можеби браќата педери и сестрите лезбејки (плус Македонците со големо „М“) најпрво треба да си го пронајдат својот осакатен „народ“, односно да развијат „класна свест“ наместо да се занимаваат со геополитички прашања? Добро, навистина глупаво звучи кога вака ќе се напише, ама тоа не е мој проблем.
Сепак, мојот проблем е следното: според „марксиситичко-ленинистичкиот“ катехизмус навистина се работи за два облика на „граѓанско владеење“, значи нешто што е „сродно“. Ама од позиција на пресна сегашност на светот таму надвор, надвор од кабинетите на нашите доктринирани главоњи, знаејќи ги дека станува збор за „комедија од човечко ткиво“, далечината меѓу тие два света е меѓугалаксиска, разликата помеѓу тие „два облика на граѓанско владеење“ е всушност „целата разлика“ на овој свет и век – многу, многу често – едноставно тоа е разлика помеѓу животот и смртта; потоа тоа е разлика помеѓу (несовршената) слобода и (совршеното) ропство итн. Тоа е разликата помеѓу Хитлеровата и Брантовата Германија – може ли да се најде некој што ќе ја преведе или макар ќе ја потцени таа разлика?
На крајот, луѓето што ништо нема да научат од дваесеттиот век, практично низ него ќе поминат како боси низ трње, луѓето што нема ништо да научат од Сталин и од Черчил – а камоли од помали учители – со сигурност ќе ги повторат сите негови заблуди во новиот дваесет и први век заедно со своите јалови и доктринирани „бирачи“.
Објавено во „Слободен печат“