Прво, мислам дека има дури и премногу теми (и дилеми) за пишување, од општо(не)културни до творечки (позитивни или негативни, сеедно), за да царува ваков молк. Во оваа насока молкот постанува легитимација на нашево време, неоправдана и со ништо предизвикана. Второ, ако некогаш имало простор за (критичко) пишување, тоа е денес, и тука најмалку мислам на (за жал) само неколкуте дневни весници, туку мислам особено на неограничените електронски ресурси – од портали преку блогови и веб-сајтови, просто измислени за тој тип комуникација. Ама повторно – нула?! Или блиску до нулата!
Е ама тие не плаќаат, може меѓу редови да се насети „аргументот“. Да, најчесто не плаќаат, односно зависи како ќе се договорите, ама, повторно, баш за сѐ ли што го правиме во животот сме соодветно платени? Особено во Македонија? И има ли некои нешта, важни нешта за кои што професионално сме загрижени, заинтригирани, заинтересирани … па можеме и бесплатно да ги сработиме? Плачките дека цел живот работиме „за без пари“ навистина ги сметам за детски смешни и провинцијално неодговорни. Па преквалификувајте се, колеги, во извршители, или нотари, или водоинсталатери … (без навреди!) … што мајка сте барале во културата и уметноста? А патем, повторно, ниту еден македонски универзитет – плачат медиумите – не се најде на Шангајската листа. А како да се најде, ве молам, со кои и какви капацитетни професори, зарем со оние жмицкасти ем фамилијарни асистенти ем „професори“ ем партиски лидери, со „професори“ кои се појавуваат на работа два часа неделно, кои ги уценуваат студентите со купување на нивните „стручни“ скрипти, со бесрамни „професори“ кои ги нарекуваат студентите апаши/крадачи (а кое што поконкретно ќе го дообјаснам подоцна!), а сите здушно кукаат како, демек, за науката кај нас не се издвојувале доволни средства (пак тие пусти пари!) итн. Која црна наука, па уште и образование некој очекува од овие?
Ако јавниот збор – критички, полемички, едукативен, каков и да е – целосно отсуствува од јавната културна и творечка сцена, кои и какви се тогаш препораките на македонската култура и уметност дома, ама и пред светот? Врз основа на кои, какви и чии параметри решаваат оние силни комисии во Министерството за култура на годишните конкурси, па оние уште посилни комисии и одбори за секакви општествени награди? Или сите тие „ингеренции“ дефинитивно сѐ уште ги држат некои фантомски партиски комисии и (особено) поединци „блиски до“ едикојси? Или навистина целата критичка мисла во државава се преточи на оној Фејсбук, и сите среќни и радосни?
Ако е така, имаме за што да бидеме загрижени. Односно не „ние“ како некој имагинарен недефиниран поим, туку македонската култура и уметност кои што полека но сигурно се препуштаат – или остануваат? – во крајно дискутабилните процепи на некои и некакви лични „ми се допаѓа“, „браво“, „честитки“ и слични будалаштини, кои пак се земаат како сериозно стручно јавно признание. Нешто во стилот на сѐ уште добродржечкиот тврдокорен Закон за културата кој што (сериозно!) вели дека сите сме биле автори/уметници, па следствено сите сме и познавачи, критичари, стручни за културата и уметноста… А зошто пак да не, ако не по нешто паметно, да бидеме познати во светот барем по глупоста? И нема да ни биде првпат.
Ама проблем е што глупостите ни станаа неодминливо правило, пракса, секојдневие, а нивната идиотштина се шири како зараза зашто нема кој да покаже со прст на неа. Некој ја измислил критиката токму за тоа: да укаже, покаже, посочи, пофали, приговори, куди… како форма на јавен збор што анализира, објаснува, евалуира, или не, како некаков ориентир на јавноста во напливот на информации/настани/дела.
Или, на втора мисла, нам, можеби, ни одговара отсуството на критичкиот збор во јавниот простор односно критичкото мислење во јавниот дискурс? Да, тоа е прашање за кое што треба да се помисли и да му се побараат корените. А тие не се ни длабоки, ни далеку – ене ги во плиткото мочуриште на довчерашниот режим и неговата евтина провинциска (не)култура. Ним, и на ним сличните, ама баш никако не им одговараше јавниот критички збор во ниту еден сегмент од општественото живеење. Особено не во културата. Зашто, сѐ, и буквално сѐ беше феик: од програми до настани, од книги до изложби, од претстави до филмови! Сѐ, и буквално сѐ беше само бедно но прескапо дилетантско некултурно и нетворечко изживување, филувано со дополнителни национални награди, национални пензии, културни амбасадори итн. Во такви не-услови нема простор за критички збор.
Ама денес? Или истата приказна продолжува и денес во македонската култура? Проклетата малограѓанска инерција ги турка и до вчера проскрибираните творци да се залажуваат со оние „лајкови“ и честитики на Фејсбук, главно од роднини и пријатели? Ако е тоа денешната македонска култура, и уметност, нека ни е со среќа!
(преземено од Теодосиевски уметност)