Во Република Македонија е загрозена правната држава и владеењето на правото и земјатасе соочува со широко распространета појава на корупција што е и нотирано во релевантни извештаи на меѓународни организации, му се пожалил на европратеникот Едвард Кукан, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој со претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова во Брисел се на Собранието на Европската народна партија.
– Политичкиот прогон и злоупотребата на апаратите на државата за пресметка со опозицијата станува основа на политичкото делување на власта. Од друга страна имаме назадување со почитувањето на човековите права и отсуство на волја да се работи на воспоставување на трајни механизми за борба против криминалот. Додека сето ова се случува, имаме целосно назадување на економскиот стандард на граѓаните и широко распространето иселување од земјата што е последицата на штетните политики на Владата – изјави Мицкоски.
Силјановска Давкова ја образложила нејзината заложба за владеење на правото и силна правна држава која ќе мора да ги гарантира човековите права и слободи.
– Претседателот на државата во таа смисла има важни овластувања кои треба да овозможат заштита на граѓаните и правна сигурност. Несомнено тоа е и важен предуслов за напредок кон европските интеграции што е и наша стратешка цел – посочи Силјановска.
Соговорниците истакнале дека мошне важен услов кој ќе покаже колку државата е сериозна во намерите кон исполнување на стратешките цели е и начинот на кој ќе помине изборниот период, каде суштински значајно е власта да обезбеди услови за фер и демократско изјаснување на граѓаните. Беа посочени и примери кои покажуваат дека Власта го загрозува демократскиот предизборен амбиент.