Без некои луѓе или без должното внимание кон некои луѓе, новата власт нема да може да ја овери својата морална супстанца. Која за неа е битна затоа што настапува како ослободител и победник со историски претензии. Така пишував пред пет-шест, можеби и повеќе месеци, тогаш кога полека стануваше јасно дека власта ќе сака да се конституира врз широка општествена основа, како опција врз база на која ќе ја гради својата победничка мисија, а не врз победничкиот статус што веќе го имаше во својата основа уште од времето на Шарената револуција и другите форми на борбата против Груевски и неговата злосторничка фамилија, посебно по триумфот на локалните избори. Јас, како застапник на втората солуција, мислев дека широката општествена димензија може и треба да се оствари врз основа на победничкиот статус, а не широката и, според моето мислење, проблематична основа, допрва да не води кон победничките височини.
Но, односот на силите, позицијата на меѓународниот фактор и филозофијата и карактерот на Заев, го направија својот избор и Македонија тргна по патот на нормализацијата, ако така може да се каже, низ деликатни, понекогаш и проблематични, на моменти и компромитантни процеси, но, општо земено, во недвосмислено добра и добронамерна насока. За мнозинството симпатизери и борци, тековните резултати беа скромни, дури и разочарувачки, таква атмосфера фати да се шири во јавноста, но во една реална перспектива, која го респектира драматичното наследство на груевизмот, односот на силите, прилично ограничените ресурси, особено кај човечкиот фактор со кој располагаме, може да се каже дека резултатите што се остварени во изминативе десетина месеци се импресивни.
Капа долу за екипата на Заев
Препораката за почетокот на преговорите и високите оценки на највисоките европски инстанци, не само во извештајот, туку и во други прилики, вклучително и за време на посетата на Хан и на Могерини, ги утврдуваат тие резултати за нијанса над реалната вредност на ситуацијата, над реалната ситуација во Македонија, тоа е така затоа што повеќе од признание тие сакаат да бидат поттикнувачки фактор за нови дострели, зашто ние тука, колку што (не)работиме за себе, (не)работиме и за интересите на Европска унија во овој дел на светот, но и со сите тие резерви, овие признанија ги потврдуваат и остварувањата и насоката, што за нас, како јавност која во голем дел ја има загубено способноста за рационален однос кон животот и кон политиката, е особено важен ориентир. Капа долу за екипата на Заев.
Да се вратам сега на заборавените луѓе. Јас не сум од оние што мислат дека луѓето што учествувале во борбата против вмровското зло задолжително треба да добијат национална пензија, добро платена функција или Шарена споменица 2010-2017. Дури мислам дека во тоа врзување има и компромитирачки елементи. Елементи во кои идеалите се корумпираат по дефиниција, а борбата за општото добро доаѓа за наплата како ред на патните трошоци кај несреќните пратеници. Но, за заокружување на таа позиција потребно е и власта да ги разбира работите така. А таа не ги разбира така.
Втор елемент што ме тера да ги пишувам овие редови е фактот дека се занемарени луѓе, не по линија на своето учество во борбата против груевистичкото зло, туку по линијата на својата стручност и способност да дадат свој придонес во реконституцијата на Македонија низ лична реализација. И трето, мака ми е за некои исклучителни луѓе. За некои луѓе што дадоа исклучителен белег на таа борба, преку обликувањето на идејните параметри, преку својата саможртва, преку важноста на нивното дело за пробивањето на тврдината на Злото. За отворањето на триумфалните порти на слободата. Не за да се ухлебат, туку за да ги отвораат перспективите.
Кај некои игнорирања, тоа ми е јасно, се работи за лични нетрпеливости кај оние што во меѓувреме станаа моќни да решаваат за овие прашања, кај други се во прашање личните преференции на тренерот односно на тренерите при составувањето на екипите, кај трети се работи за трети мотиви и причини, но….
Политиката, се разбира, има свои логики што не се секогаш блиски до нашите рационалистички погледи или емотивни набои, не се секогаш праведни или најмалку се праведни, нејзината логика е повеќеслојна, не е еднодимензионална, добрите потези понекогаш даваат лоши резултати, а тие што на прво гледање се чинат лоши, даваат позитивни ефекти само во комбинација со трите наредни потези и така натаму.
Како испаднаа Лазаревски и Крстевски?
Но, сите овие добронамерности и оваа ширина што се обидувам да ја демонстрирам тука, не ме прават моќен да сфатам како и зошто од трката за подобро утре испаднаа Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Крстевски? Луѓето што му го извадија срцето на Злото, софтверот на Злото, луѓето што му ја исклучија струјата на Злото, му ги извадија батериите од далечинскиот управувач, му ја исушија семката, му го спурија и ампутираа курот!?
„Јас сум зачуден што моето враќање во МВР е блокирано, без никакви правни пречки. Сите знаат дека јас поднесов оставка во ‘МВРО’, а не во МВР. Баш би сакал некој да ми објасни што е проблемот, дали пораката е дека сите што не се спротивставија се добрите, а јас сум го оцрнил образот на службата!“
Вели Лазаревски во интервјуто за Гласот на Америка, нагласувајќи дека „најголемиот херој на битката за бомбите е истовремено и најголема жртва, бидејки сè уште се води како осудувано лице“. Станува збор, се разбира, за Ѕвонко Крстевски. Двајцата, треба ли да се повторува, ги извадија прислушуваните материјали од системите на УБК и преку Верушевски му ги доставија на Заев и на целиот свет. Така дојде до инспекцијата на Прибе, до формирање на Специјалното јавно обвинителство, до изборите, до смената на власта, до важни аспекти на обновата на Македонија, меѓу другото, и низ судските процеси против Злото. А тие завршија, прво во самачки притвори и со пресуди, без работа, а потоа во општествен аут.
Па, ме интересира, како се стигна до тоа да се оцени дека опозицијата која е, всушност, непроменета супстанца на Злото, е заслужна за добивањето на препораката, а овие двајца не само што не се, туку се соочени и со најжестоки егзистенцијални проблеми. Како владата успеа да најде работа за илјадници вработени неработници, а врвните стручњаци и национални херои, без кои денеска ќе ја славевме препораката да бидеме Централнобалканска област на Руската федерација, луѓето на кои треба да им се подигне споменик на местото на Коњот со воин, се на улица.
Јас имам само некои претпоставки и тие се страшни. Се мислев дали да ги споделам. Но, во основа мислам дека зад целата „заебанција“ стои стравот да се има позитивен, морален и одговорен однос кон луѓето што изнеле важни материјали од злосторничкиот систем зашто никогаш не се знае дали и ние не сме или нема да станеме злосторници. Варијанта на таа претпоставка, изнесува и Ѓорѓи. Влијателни меѓународни фактори исто така не се одушевени од ваквиот тип на свиркачи. Можеби власта која на еден неверојатен начин го респектира и се обидува да плива во криминалното правно, всушност, злосторничко законодавно и законско наследство на Злото, смета дека Лазаревски и Крстевски биле надвор од законот кога го направиле подвигот што ја спаси Македонија?! Можеби тажната судбина на Ѓорѓи и на Ѕвонко е порака за некои идни херои. И порака дека за Македонија не вреди човек да се жртвува, освен ако не е спремен да го истрпи не само сопственото понижување до крај, туку и понижувањето на заедницата за која се борел.