Критична маса: Подобри закони за поубави градови

75

Под мотото „Подобри закони за поубави градови“, „НаТочак“ – Скопје, попладнево, со уште една велосипедска тура од плоштадот „Македонија“ што ќе почне во 17.30 часот, ќе им даде поддршка на законските измени за зголемување на безбедноста во сообраќајот и подобар квалитет на живот во градовите.

Во исто време ќе делуваат и „критичните маси“ во Штип и Прилеп.

Измените на кои ги предлага Групата ентузијасти за подобро велосипедско Скопје „НаТочак“ предвидуваат во населено место да не се проектираат улици за движење со брзини од 90 километри на час и да се намали широчината на коловозните ленти со што би се намалила прекумерната брзина на автомобилите која е причина број еден за сообраќајни судири со тешки повреди и смрт.

Предлогот е за измена на дел од Законот за просторно и урбанистичко планирање и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, а е изготвен во соработка со Битола НаТочак, Прилеп НаТочак, Гостивар НаТочак и Штип НаТочак.

– Со намалување на широчината на коловозните ленти ќе остане и повеќе простор за пешачење, возење точак, зеленило и други содржини, ќе се намали и цената за изградба на овие улици кои се плаќаат од народни пари. Зошто да се трошат јавни средства за 20 отсо поскапа изградба и одржување, зошто коловозот на булевар со шест ленти да биде широк 21 метар кога може да биде 18 и притоа да обезбеди ист проток на возила, а поголема безбедност? – се некои од забелешките на „НаТочак“.

„НаТочак“ поднесе и предлог да се воведат велосипедска улица и велосипедски пат како нови категории на улици, велосипедскиот паркинг да стане задолжителен за секој новоизграден објект и урбаната опрема да не го попречува движењето на пешаците и велосипедистите.

– Има уште многу подобрувања кои можеме да ги направиме во регулативата од областите градење и урбанизам за да поставиме основи за планирање на улици со цел безбедност за сите, за да поставиме основи за похумано планирање на градовите воопшто – пишува „НаТочак“ на својата фејсбук страница.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...