Многумина од вас штом ќе го прочитаат насловот веднаш ќе препознаат што мислам и за што сакам да пишувам, односно познатата борба „тенка е линијата меѓу говорот на омраза и критичкиот говор“, која деновиве се актуализира (барем во мојот микросвет) поради еден вербален инцидент во кој се вклучени мои двајца познаници.
Не би сакал да бидам разбран погрешно ниту од една од страните, но на оваа тема имам пишувано многу, а ваквото „препукување“ не е ниту прво, ниту последно кое ќе се случи во комуникацијата на социјалните платформи. Како нација, а и како онлајн заедница сѐ уште учиме за нашиот однос на интернет и не ретко и самиот сум се наоѓал во ситуација кога како корисник сум извор на неетичен говор, па најчесто се коригирам, се извинувам, се дообјаснувам, или пак, се автоцензурирам целосно, т.е. се бришам.
Во случајов, темата која е причина за оваа преписка е сосема универзална, за ваква тема секогаш можеме да очекуваме дека ќе има две страни (најмалку), а со тоа се отвора простор за дебата и за споделување на аргументи за одбрана или негирање на тезата која ја застапува одредената тема. Почнав да звучам даскалски, нели, како да ве воведувам во основите на дебата и да треба да ви појаснам дека во случајов секако едната страна ќе биде афирмативна, а другата негативна, не?! Тоа е, за жал, основите на комуникацијата треба да се повторуваат, за да не се заборават, особено кога сме изложени на 24/ 7 отвореност и достапност.
Темата добро позната, кој негира дека постои од самиот почеток: или се прави будала или му одговара – да не се лажеме. Струмица Опен Фестивал – да или не?! Со каква програма да постои доколку постои: турбо фолк или европска?! Да биде во центарот на градот или надвор од Струмица?!
И секако за мене она најважно прашање, есенцијалното, она кое ме „провоцирало“ и мене лично, а тоа е повеќеслојно: кои естетски вредности ги нуди фестивалот, треба ли последните три дена од програмата стандардно да бидат доделени на екс-ју ѕвездите, дали другиот дел од програмата треба да се појача или целосно да се оддели затоа што генерично и нема некои допирни точки со целата увертира на програмата, колку е убаво и полезно општината (не само нашата) и министерството да промовираат лоши и девијантни вредности на кои најмногу се лепат адолесцентите, тие ли се фестивалските програми со кои ќе се промовираме како „Градови на Европа“, вреди ли за неколку денови пијанчење градот да биде речиси цел месец под стрес, кој ќе ја плаќа амортизацијата на градот во блиска иднина, зошто да го дишеме сметот во центар кога гледаме реално и дека од година на година нема толку туристи колку што си планираат инвеститорите, и КРАЈНО, но не последно: кој побогу си мисли дека СОФ е идеална замена за Струмичко културно лето?!
Е сега, кога дојдовме до (нај)последното прашање, не дека другите кои се наметнаа од загрижената заедница не се валидни и легитимни, да, јас би сакал да подразмислиме околу тоа што се културно-забавни фестивали/програми, а што како суштина, како јадро, го имаат системски и програмски, стратешки, акциски, долгорочно, краткорочно, како сакате веќе наречете го со овие терминолошки пердуви најосновното, семето, срцето и мозокот кои „културните лета“ во самата смисла и цел ги имаат визионирано, проектирано. До кога ќе дозволуваме вредностите на таков подмолен начин да бидат поместени, баш ми е жал што од културно-едукативни, глобално од ден во ден, стануваме сѐ повеќе културно-забавни. Некој ни ја сменил програмата на живеење и дејствување, додека ние на браникот на нашите сопствени суети сакаме на неосвоена земја да поставиме знаме, а основните лекции од дома, оние родителските попат сме ги заборавиле… „Не навредувај, не суди, радувај се на туѓиот успех и не сити се на туѓата тага.“ До толку ли, добри луѓе, се оттуѓивме? Ситна боранија, а?
А луѓе сме, од стара земја наследена, почнавме да ја метиме пругата што уште не сме ја изградиле. Моето скромно мислење за Струмица Опен Фестивал, за да не ја продолжувам полемиката е: Нека постои, нека се радуваат сите оние кои се вака или така дел од него, САМО главната сцена нека биде поставена некаде блиску до градот, (немаме ние култура за уринирање и ждерење јавно, не пак за нешто друго), но СОФ никако не смее да (о)стане единствената опција или целосна замена на СТРУМИЧКО КУЛТУТНО ЛЕТО, затоа што тоа е сосема друга тема, за која треба друга подлошка, за да разговараме, за да ја отвориме како опција, да дебатираме, да ги видиме мислењата на граѓаните.
Можеби тоа е и суштината од каде произлегла оваа „негативна преписка“ и погрешно толкување на афирмативецот на СОФ, на негативецот на СОФ. Сепак треба да разбереме, негативната критика кон СОФ, независно од тоа дали ќе биде интерпретирана во случајов од овој „негативец“ или од некој друг во иднина, е единствената константа што мене како посматрач ми е позната. Не смееме да си дозволиме да нѐ надвладеат страстите над пристојноста, да не дозволиме да бидеме лоши примери, да ја поддржиме сите заедно критичката мисла, таа ни е насушно потребна во државата. Негативната критика секогаш не правела посилни, да извлечеме од неа поука, секогаш е тука некаде, скриена меѓу редовите. Жал ми е што ја заборавивме љубезноста, а толку многу ни е потребна…