Критика жестока, но продуктивна

Ние не бараме да направиме „Данска од Македонија“, како што со нас се подбива нашиот колега и колумнист Тричкоски, но не веруваме ни во приказната дека некако ќе ја видиме „големата слика“, ако се помириме дека најмногу што можеме да се направи е - Дрисла од Македонија.

3669

Она по што се препознаваат Плусинфо и „Слободен печат“, меѓу другото, е и нашето упорно настојување да ја практикуваме новоосвоената слобода на јавно изразување, која во себе вклучува и право на жестока критика на секого, без оглед кој е на власт и без оглед какви се неговите „заслуги“ во соборувањето на режимот на Груевски и во меѓународното консолидирање на Македонија по падот на режимот. Имаме и дополнителен кредит за такво поведение – мора да се признае дека макар една капка од мастилото во „пенкалото“ со кое беше победена диктатурата (ако ништо повеќе од тоа) потекнува од цистерната на општествена енергија за промени што ја акумулиравме токму ние, заедно со другите слободарски медиуми.

Не е точна тезата на колегата Бранко Тричковски дека „критиката се обидува да прави неверојатна дистанца меѓу општеството и неговите очекувања и одговорности и сета вина и проекции ги префрла на власта, односно не води сметка за политичката конфигурација што ја испорачува на избори или на други начини и за своите ментални, културни, морални и стручни капацитети“. Можеби не зборуваме за истата тема, односно кога велиме „критика“ не мислиме на истото. Во тој случај, му се извинувам на Тричкота.

Но, тоа нема да го смени фактот дека ова општество, со своите скудни капацитети, по своја „заслуга“ или „вина“, има ваква власт. Колку и во тоа општество да има „мрза и неталентираност“, какви што колумнистот гледа секаде околу себе, ние не можеме да помириме на власт да имаме некомпетентни и тотално неспоособни луѓе (а има и такви), луѓе кои велат „јас не работам со граѓаните“ (и такви има), министри кои дури и не доаѓаат на работното место.

Ние не бараме да „направиме Данска од Македонија“, како што се подбива нашиот колега со нас, но не веруваме ни во приказната дека некако ќе ја видиме „големата слика“ ако се помириме дека најмногу што можеме да се направи е – Дрисла од Македонија. Не, ако не сме способни да ја замислиме Македонија баш како земја со скандинавски стандарди на живеење, дури тогаш ние правиме една фатална дистанца меѓу себе и нашата општественост. И тоа е карактеристично за една нација која отсекогаш имала недостиг на самопочит и на самодоверба и која секогаш самата го негувала чувството дека е октроирана и зависна од други. За мене, токму одржувањето на тој дискурс – еве да се послужам со омилените метафори Тричкови – е рамно на колективно самоубиство.

Сепак, се согласувам, има разлика од „тралала- критиката“ до онаа што ние ја разбираме како продуктивна. Во случајот на градоначалникот Петре Шилегов, на пример (кого го спомнува и Тричко), критиките за состојбите не се мерат според интензитетот и зачестеноста на „истурање говна врз себе“ (уште една од омилените анални метафори Тричкови), туку со магнитудата на проблемите поради кои Скопје со децении станува речиси нефункционален град, а градскиот татко е избран на избори за да ги менаџира тие проблеми.

Свесен дека тоа е така, Шилегов јавно се извини за гафот со играњето игрици на мобилниот телефон, за време на собраниската расправа за загадувањето и ни кажа дека тоа не е неговиот однос кон проблемот. Ферски. Извинувањето, се разбира, веќе е прифатено, а односот на градоначалникот и на централната власт кон загадувањето ќе се мерат со други аршини. Но, ќе се мерат и премеруваат. Добрите и ефикасни мерки против ова зло ќе се поддржат, а евентуалната недугавост и грешките ќе се критикуваат. Жестокои. Оти така е фер.

А што е „тралала критика“? Тоа е, на пример, кога ќе направите „анкета“ на Фејсбук (како пратеникот Влатко Ѓорчев) и во таа „анкета“ огромниот број ваши пријатели и поддржувачи ќе го поддржат вашето лично мислење. Кое не мора да е неточно, се разбира. Методолошки е проблемот. Што добил опозиционерот Ѓорчев со својата анкета на Фејсбук? Мал спин, ништо повеќе од тоа.

Иако ретко имам прилика со политичарите да седнам на посериозен разговор, тогаш кога ќе ми се згоди, се обидувам да им објаснам дека беспоштедната критика, за да биде продуктивна, а со тоа и да има некаква смисла, секогаш оди со поддршка кога ќе се препознае храбар потфат, идеја да се направи нешто добро, желба да се постави нешто што ќе биде препознаено како вредност, ако не сега тогаш од генерациите што доаѓаат. Во принцип, луѓето со кои разговарам сега, ја разбираат таа „дијалектика“. Сум разговарал на таа тема со Заев, а пред некој ден и со Шилегов. Моето чувство е дека барем на зборови, одлично се разбираме, што навистина е разлика во споредба со поголем дел од екипата на Груевски.

Велам, сево ова, засега, на зборови. За делата да не отвораме сега муабет…

ПС. Верувајќи во можноста новите сопственици на парцелата спроти „Холидеј Ин“ да почнат да се однесуваат „скандинавски“, што ќе рече општествено одговорно – а имам сигнали дека би можело да се случи нештата да тргнат во таа насока – објавувам едностран, неколкудневен „прекин на огнот“ во борбата за нова зелена оаза во центарот на Скопје. Објавата, се разбира, се однесува само на нас. Да им дадеме шанса на креативноста и на одговорноста.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...