Струмичанката Кристина Зимбакова ги изложи своите уникатни дела под најветровитиот врв на планината Беласица, Сечена скала, висок 1.740 метри надморска височина, на македонско-грчката граница, на неколку километри од тромеѓето помеѓу Македонија, Грција и Бугарија.
Станува збор за три циклуси, триесетина дела изработени во нејзината единствена уникатна техника. Изложбата на отворено беше насловена „Ја извишила фортуната” и беше посетена од голем број на љубители на уметноста и природата.
– Подлогата ја создава сама, ја прави од габи. Тајна е, како некој магионичар, не ја кажува тајната. Самата ги бере, ги суши, од секаде. Но таа исто така и добива габи од секаде, за нејзините дела, од пасионирани љубители на природата. Можете да ги прочитате многу егзотичните имиња на габите, од кои некои се од Австралија, САД, Антарктикот – рече Соња Настовска, историчар на уметноста.
Таа упати благодарност до авторката, што приреди едно буквално единствено ликовно доживување со ликовна окупација на тој прекрасен простор.
– Тука е љубовта кон природата, планините, посебно оваа планина и е омилена, а сега знам зошто. Тука е и љубовта кон габите, лишаите, со кои исто така таа твори. Таа има љубов и пасија кон нив, тие имаат посебно место во нејзината уметност. Некому може да му е необична, чудна, но тоа е Кристина. И чудна е. Прекрасно чудна. Немојте да се чудите за местово што е многу чудно, не е чудно, само чудните места и се допаѓаат, има правено и други изложби на вакви места. Се што гледате тука е емотивно вткаено на подлогата. Тоа и е медиумот, габите се медиумот, но тука се и боите. Знам дека овие слики се сон на еден автор. Ѕирнете во нејзиниот сон – додаде Настовска.
Авторката појасни за Плусинфо дека „Ја извишила фортуната“ е дијалектен израз од струмичкото поднебје што означува дека некоја си заминала од земскиот свет.
– „Фортуна” на струмички е „летало” и тоа од големите, малото е „чумулига”. Во литературниот јазик истиот збор укажува на „силен ветар”. Во концептот на изложбата има поигрување и со двете значења, а леталото станува симбол за преобразба и духовно ослободување. Идејата се потпира и на формата и природата на габата Оphiocordyceps sinensis, ендемична за Хималаите и тибетската висорамнина , што е паразит на инсекти и од нив прави зомби пред да извиши дел од своето плодно тело како фортуна, а инсектот заличува на конопот од леталото. Примерок од габата е употребен во една од сликите од циклусот „Ја извишила фортуната“. Затоа и ликовната поставка е на 1.740 метри надморска височина, на Сечена Скала како најветровит врв на Беласица, со карактеристичен облик, а името му доаѓа од сечена карпа. Изложбата е поставена на самата гранична линија на Македонија со Грција, заради што беше неопходна писмена дозвола од нашата гранична полиција – рече таа.
Габите и лишаите што се од Македонија применети во делата се собрани од неа, а оние од други земји се добиени од научници што и ги пратиле на нејзина иницијатива, затоа што видот и бил впечатлив поради изгледот или поради тоа што е редок или ендемичен. Научниците се клучни и за одредување на сите видови габи и лишаи во делата, а латинското име, географското потекло и статусот на видот секогаш се наведени во описот. Видовите се зачувуваат според сите научни стандарди за зачувување. Хартијата од габи на која слика ја изработува на начин сличен со правењето хартија од дрво, но процесот е долготраен и во значителен дел е индивидуално осмислен.
– Лично ги собирам габите на терен и тоа само видови со поцврсто плодно тело што растат на дрвја, погодни за таа намена. Габите се сушат, замрзнуваат, потоа неколку недели стојат потопени во вода пред да бидат смелени како пулпа и преточени во листови. Целата обработка е механичка и бара вештина, а дозволува слобода за импровизација – откри таа за Плусинфо.
Од едно од највпечатливите места на стрмната планина Беласица, во далечина се гледа Дојранското Езеро. Со теренско возило од селото Смолари до горе се патува 2 часа, а пеш по планинарска патека се оди 4 часа.
Четириесет и четири годишната Кристина Зимбакова во своето творештво негува интердисциплинарен пристап. Во нејзиниот опус се испреплетени сликарството, поезијата и природните науки, а габите и лишаите се најзастапен медиум.
Досега имала самостојни изложби во земјава како и во Ирска, а учествувала на бројни групни изложби во странство, од кои се истакнуваат оние во Оксфордскиот театар во Англија и Музејот за уметност „Ешкенази” во САД.
По изложбата, за сите присутни имаше организиран ручек во планинарскиот дом на планинарскиот клуб „Ентузијаст”, чиј член е и Зимбакова.