Криминалците добија премија

Ако се амнестирани и ако им е подадена рака на помирување, се очекува тие да покажат благодарност и признание за своите злодела, а веднаш потоа и да понудат гаранции дека веќе никогаш и никому нема да му нанесат зло. А тие гаранции може да се состојат од повлекување од функции и конфискации, да им се оневозможи пристапот до средства да го повторат делото. Видовме нешто од тоа? Не.

1533

Разбирлива е битката на престапниците да се одбранат од правдата и да поминат неказнето за своите недела, особено ако се убедени дека не сториле ништо лошо. Тоа е речиси човечки, без оглед на тоа колку тие се социопати или обични разбојници или и двете, како што е случај со изненадувачки голем број ликови во балканската политичка галерија.

Цели бездни стојат меѓу неказнивоста, амнестијата и помирувањето. Тие различно се дефинираат, правно, политички и филозофски… Може да се очекува државата, општеството и лидерите да покажат широчина и да останат ладни. Тоа подразбира да бидат пресметливи и да покажат (не знам дали е добар зборот) милост во рамките на системот, итајќи кон повисоки цели, да ја гледаат големата слика на иднината. Таквата милост не значи дека не може да се измери растојанието меѓу криминалците, нивните жртви и интересите на државата. Моралот мора да се одвои од практичните цели, а не да се стават сите вредности, очекувања и принципи под нозе…

Државата и тие што ја водат не смеат да си го земат правото кон милоста да се однесуваат како кон верска категорија, бидејќи тоа е чекор поблиску кон приватизација и узурпација на правото и правдата. Без оглед на добрите намери, без оглед на личниот карактер на политиката, овде можат да бидат само многу претпазливи и да бидат верно огледало на системот, а не на човечките особини, што значи и слабости, што ги носат.

Разбирливо е, на индивидуални нивоа, да чувствуваме гнев и огорченост кога ќе ги видиме како арамиите се измолкнуваат од правдата, а уште повеќе како го користат системот како ништо да не се случило. Тоа излудува. Иако не мора (секогаш) да е така, но звучи сосема нормално кога некој ќе каже дека криминалците од претходниот режим се ујдисале со новата власт, па и дека новата власт не е способна да ги препознае затоа што е иста. Го гледаме тоа во Србија, Косово, Босна, насекаде на Балканот.

Разочарувањата се големи, не само затоа што очекувањата биле превисоки и нереалистични, туку затоа што ветувањата, премногу лесно, не се исполнуваат. Попусто е врвот на власта да има добри планови, искреност и посветеност, ако веќе зад првиот агол затајува правдата и правото, токму онаму каде што визијата на лидерот (или лидерите) треба да се отелотворат, да се преточат во реалност. Не вреди да имаме искрен и добар премиер, ако луѓето што ги поставил да го водат системот го изневеруваат на секој чекор и него и сите останати во земјата.

Иако помирувањето подразбира некаков облик и размер на амнестија, треба да се повлече линија меѓу помирувањето (со вклучена амнестија) од амнестијата што е политички пазар за други политички процеси од врвно значење за Македонија. Нема оправдување за пазарењето и политичките потези што се надвор од правниот поредок. Тоа може да се прифати, но не е оправдано. А, за да се прифати, треба да се види што системот нуди за заштита од злосторниците да не се обидат повторно да посегнат по фундаментите на поредокот и на демократијата и владеењето на правото.

Разбирливо е сите, на свој начин, да бидат претпазливи и остро да одговорат на подмолните манипулации на насилниците и криминалците во чии крвави раце сѐ уште има многу пари и моќ.

Ако се амнестирани и ако им е подадена рака на помирување, се очекува тие да покажат благодарност и признание за своите злодела, а веднаш потоа и да понудат гаранции дека веќе никогаш и никому нема да му нанесат зло. А тие гаранции може да се состојат од повлекување од функции и конфискации, да им се оневозможи пристапот до средства да го повторат делото. Видовме нешто од тоа? Не.

Тие мислат дека им припаѓа државата, дека човечките судбини се џамлии во нивните прсти. Тие ги убедуваат своите верни следбеници-тапоглавци дека тие се оштетената страна, дека Заев е на чело на хунта и дека казната за ова што им се случува ќе биде сурова. Додека власта на криминалците им дели амнестии и ги остава на функции, им ги остава работните места нечепнати, им дели дури и разни бенефиции и тендери, тие се организираат. Беспоговорно се ставаат во служба на руските интереси, водат медиумска и политичка кампања со големи размери, само да се доберат повторно на власт, а да го прегрмат овој период што е можно полесно и со помал финансиски губиток. Кој внимава на тоа? Дали постои некаква одбрана на државните интереси и на концептите за демократско, интегрирано, праведно, „едно“ општество што се стреми кон евро-атлантски интеграции? Сега и узурпаторот, националист и срам за Македонија, најпознат по прекарот Фикус, говори за „конечното“ зачленување во НАТО. Да пукне човек од смеа, ама горчлива.

Ние знаевме дека ќе кажат и ќе направат сѐ само за да се спасат од правдата. Но, испадна дека тоа е сосема лесно остварлива цел. Сега тие прават сѐ само за да станат што е можно посилни, да останат во системот и во најчувствителните процеси и да ги саботираат од внатре, без одговорност за било што. А потоа сѐ да му натоварат на грбот на Заев, за тој и неговата влада целосно да ја изгубат довербата од гласачите и сево ова да заврши толку неславно, колку што славно започна.

Ова е премија! Не само што не го добија ни приближно тоа што го заслужуваат, туку се во позиција ништо да не работат, за ништо да не бидат одговорни, да ги зачуваат своите позиции во системот, па и да профитираат. Ни во најубавиот сон не го виделе ова!

Ќе бев првиот што ќе се спротивставеше на одмазднички поход против претходниот режим и неговите стотици илјади послушни „човечиња“ (изразот на Гоца МВРО). Но, не можев ни оддалеку да претпоставам дека сите тие „човечиња“ ќе останат во системот, во процесите, во медиумите, во бизнисот… и ќе продолжат со својата верна служба на диктаторчето и неговата Фамилија. Тие сега уживаат рајот на „мерките на претпазливост“, а сите нив ќе продолжиме да ги храниме ние, обичните смртници. И тоа, ги храниме прилично обилно. Во меѓувреме, тие што ѝ се приклучија на борбата на опозицијата и ги дадоа најубавите години од животот, здравјето и кариерите, стануваат социјални случаи, еден по еден…

Неприфатлива е одмаздата, но кога ќе дојдете на ѓубриште, го земате багерот или некоја џиновска метла и го чистите ѓубрето. Не постилате црвен килим за тие што го создале ѓубрето! „Човечињата“ на македонското и албанското „вемеро“ (ДПМНЕ и ДУИ) ќе останат верни следбеници на злото, затоа што видоа како успешно се измеша неказнивоста со амнестијата и помирувањето.

Еден другар неодамна коментираше на Фејсбук: „Буди бог с нама“. Не верувам во господ, но изгледа дека само таков, некаков, надземен лик може да ни помогне во оваа каша сега. Не мора господ, може и некој од Марвел или ДЦ Комикс…

Искрено се надевам дека претерувам.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...