Криминалното минато, сегашност и иднина на Фамилијата

Груевски и Фамилијата, во која Мицкоски имаше ѕвездена "енергетска" кариера и сега е некаде меѓу заменик шеф и консилиере, се структура без трошка кредибилитет. Не постои ниедна логична, морална, политичка, а ни правна основа според кој тие би можеле да преговараат за реформи во правосудството, безбедноста, изборниот систем, образованието, културата, здравството, надворешната политика, политичкиот систем или било кое друго прашање за минатото, сеашноста или иднината на македонската држава

3859

Тајната средба Мицкоски – Груевски во Будимпешта е уште еден во низата поводи да се присетиме на непроменетите позиции на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија, едноставно, не сака да расчисти со своето криминално минато. Напротив, тоа сега е една дополнително радикализирана и милитантна збирштина која, ако се дограби до власт, ќе ја збрише демократијата на многу долг рок, а веројатно ќе ѝ стави точка и на македонската држава во релативно краток временски период.

Мицкоски може да пелтечи колку сака дека е лидер на реформирано вемеро и тоа само тогаш кога тоа му го дозволил шефот. Но, за јавноста требаше да биде повеќе од доволен самиот факт што го избраа за почесен претседател човекот кој ѝ нанесе несогледливи штети, ја зароби и ограби државата, а од партијата направи приватна фирма со послушни човечиња, како што нивната МВРО министерка милува да се изрази. А зошто е тоа важно? Имено, ова е прашање на кредибилитетот.

Груевски и Фамилијата, во која Мицкоски имаше ѕвездена “енергетска” кариера и сега е некаде меѓу заменик шеф и консилиере, се структура без трошка кредибилитет. Не постои ниедна логична, морална, политичка, а ни правна основа според кој тие би можеле да преговараат за реформи во правосудството, безбедноста, изборниот систем, образованието, културата, здравството, надворешната политика, политичкиот систем или било кое друго прашање за минатото, сеашноста или иднината на македонската држава.

Ништо добро, ни законито, не може да излезе кога криминалец преговара за владеење на правото. Затоа, на антидемократската пропаганда ѝ е важно да ги прикаже сите како исти. Кога веќе не можат да го поправат својот, тогаш вреди да се обидат да го намалат кредибилитетот на противниците, стара финта за која секогаш има нови жртви. А тоа е барем лесно во новата ера на лажни вести и дезинформации, во која, во светски рамки, суверено владеат токму нивните ментори…

Вмроизираното општество и системот во кој се длабоко вбризгани отровите на криминалот, корупцијата и насилството, секогаш ќе им бидат плодна почва на овие структури. Тие секогаш ќе бидат во предност. Полесно е да се мрази и растура, а далеку потешко е да се создава нормално и демократско општество, особено ако тоа е претходно разурнато до темел.

Но, ако сево ова не е доволно, Груевски, Мицкоски и остатоците од криминалната Фамилија собрани околу врвот на партијата, секојдневно се грижат да докажат и покажат дека се непријатели на македонската евроатлантска иднина. Сите ресурси ги ангажираат во тоа да ја спречат правната држава да профункционира, да ги одложат и по можност, да ги уништат демократските процеси во земјата. И, кога Мицкоски преговара или, најчесто, одбива да преговара за судбината на законите, изборните процеси, правдата… тоа, всушност, дејствува Груевски. Нели, не може да се очекува од Груевски да си пресуди самиот себе си.

Ако постоеше барем малку резерва во поглед на координацијата меѓу Мицкоски и Груевски, сега веќе на сите треба да им стане сосема јасно – таа врска постои, цврста е, непоматена од било какви процеси. Дотолку повеќе што е сосема очигледно дека со партијата сѐ уште раководи токму омразениот Груевски, кого ни самите вмровци веќе одамна не го сакаат и од кого претрпеле едно чудо неволји. Ако имале било какви дилеми до сега, можат веќе слободно да постават знаци на равенство.

Што е карактеристично за ВМРО-ДПМНЕ во изминатите две и пол години? Телеграфски: Организирано го попречуваа формирањето на владата, по изборите во 2016 година. Го организираа и изведоа крвавиот напад врз Македонското собрание во 2017 година. Се обидоа да го осуетат Референдумот за поддршка на Спогодбата со Грција во 2018 година. Ги блокираат процесите во законодавниот дом. Ги мобилизираат своите довчерашни ортаци (ДУИ) и новите вазали (Беса) во своите собраниско-комисиски диверзии. Водат деноноќна црна кампања, преполна со дезинформации, лажни вести и говор на омраза… Шират национализам, повикуваат на насилства и убиства преку своите ботови… Соработуваат со рускиот диктаторски режим што е најомразен токму од Русите…

Ете, токму тоа и таквото, груевистичко вемеро сѐ уште е активно и витално на македонската политичка сцена. Но, лагите во денешно време лесно се плетат, а уште полесно се расплетуваат. Тајноста на средбите не е гарантирана. Па, така, за само неколку часа, не остана ништо од она што требаше да биде тајна посета и средба меѓу Христијан Мицкоски со менторот Виктор Орбан и газдата Никола Груевски.

Едноставно, мораше да дојде до оваа средба, бидејќи Мицкоски, очигледно, ги исцрпи сите можности за понатамошно, продлабочено блокирање на клучни закони, како што е законот за јавното обвинителство, евроатлантските интеграции, пописот и низа други процеси. Дополнително, високиот американски функционер Филип Рикер, ги засили повиците во кои се свири крај за политичките игри со македонската иднина. Затоа, се вклучи алармот во шампитата со смешната стражарница, а намесникот Мицкоски летна за Будимпешта по нови инструкции.

Остануваат неодговорени повеќе прашања, иако одговорите можат да се насетат… Какви совети му подели Орбан на Мицкоски, што му вети? Какви наредби му издаде вистинскиот партиски шеф на својот аѓутант.

Колку пари му носеше Мицкоски на Груевски? Кои се плановите што стојат зад повремените Фејсбук обраќања на азилантот од Будимпешта? До каде се спремни да одат Ахмети и Касами во вазалството кон Груевски? За кога е предвиден почетокот на новата хулиганско-медиумска офанзива на ВМРО-ДПМНЕ, 2-ри или 27-ми август? Секако, има уште неодговорени прашања, но нивните одговори ќе ги прочитаме во и меѓу редовите на изјавите и соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ и оние што им служат, веќе од денеска па натаму.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...