Криза? Та преку криза!

Власта, пак, има јасна агенда: во услови и на таква политичка криза, да ги турка реформите најдобро што знае, со многу поголема посветеност и енергија од сега. Ако се избере претседател, добро. Ако не се избере претседател, пак добро. Ќе се бира кога за тоа ќе се стекнат подобри општествено-политички услови. До тогаш – г-дин Талат, скоро исто како сега со Иванов, само малку подобро.

4111

Ете ги контурите на новата политичка криза во Македонија: бидејќи сите рационални околности и страни упатуваат на тоа дека вонредни парламентарни избори на Македонија годинава не ѝ се потребни; и бидејќи опозицијата, во немање на попаметна политика, инсистира на спојување на претседателските со вонредни парламентарни избори, за да не ги бојкотира редовните претседателски; јасно е дека или ќе се оди на спојување на изборите, што за последица ќе има хаотично прередување на власта и изгубена драгоцена година во средување на државата; или ќе се оди само на претседателски избори чиј резултат, без учество на опозицијата, ќе биде неисполнет цензус (па уставна криза), или, повторно, избран и политички непризнаен претседател од страна на опозицијата, која потоа и ќе го бојкотира целиот државен систем…

Како и да го свртиш, некаква политичка криза е на повидок. И – што да се прави?

Ништо посебно. Треба да се остави опозицијата да го прави тоа што мисли дека за неа е најдобро. Далеку е тоа од идеална ситуација, бидејќи е штета што одбиваат да го помогнат успехот на Македонија, но во демократија не можеш никого со сила да го натераш да помогне. Впрочем, опозиционерите доживеаја тежок пораз, треба да се остават да си ги лижат раните уште извесно време, па да се види дали ќе смогнат сили да се вратат во некаква нормална политичка игра. Ако не, ќе останат на маргините на самоизолацијата во која сега се наоѓаат, додека не се сетат на нешто попаметно. Како што личи, ќе потрае.

Власта, пак, има јасна агенда: во услови и на таква политичка криза, да ги турка реформите најдобро што знае, со многу поголема посветеност и енергија од сега. Ако се избере претседател, добро. Ако не се избере претседател, пак добро. Ќе се бира кога за тоа ќе се стекнат подобри општествено-политички услови. До тогаш – г-дин Талат, скоро исто како сега со Иванов, само малку подобро.

Сакам да кажам, од познати губитнички причини, ВМРО-ДПМНЕ има голем интерес од драмење, бидејќи кој губи има право да се лути. Другите не. На другите им се важни стабилноста и развојот. Мачна ќе биде таа работа со опозицијата во бојкот и постојано мрчење, но што и кога било во Македонија нешто со аирлија и за бериќет?!

Во тоа треба да се вкалкулира и одложеното дејство на Преспанскиот договор. Кога ќе помине малку време, на најголемиот број граѓани на кои тоа сега не им е, ќе им стане јасно дека „Проектот да те фати уплав“ што го туркаше опозицијата во врска со Договорот нема никаква основа – напротив, веќе оваа година од затворањето на проблемот со Грција ќе стигнат силни политички и економски дивиденди за Македонија. До сега за тоа мораше да им се верува на Заев и Димитров на зборови, а во блиска иднина за тоа ќе говорат и делата.

Затоа, кога ќе почне да се разговара со тие аргументи, климата за разрешување на оваа криза ќе стане значително подобра. Прашање е дали лидерите на опозицијата внатрепартиски ќе го преживеат ваквиот успех на Македонија, но кој и да е на чело на ВМРО-ДПМНЕ за година дена отсега (макар останале и истите!), нема да биде под пресудно влијание на Груевски од Будимпешта (којзнае тој, до тогаш, каде усвит ќе фати!), а ќе мора со нешто и да се занимава за да се бави со политика. Ако разбирате што сакам да кажам.

Затоа и мислам дека е паметно што Заев земал една недела заслужен одмор. Додека не се расчисти во Грција, овде ништо паметно нема да се одлучи, освен да се направи некоја глупост. Кога Договорот ќе помине и во Атина, тогаш работите ќе почнат и сами да се одмотуваат, кон подобро.

Со еден збор, не мора цела Македонија да ја споделува хроничната нервоза на Бачев и на Мицкоски. Тие што дробеле, тоа ќе сркаат, а се изнадробија и над очекувањата!

За другите работата е јасна: засукајте ракавите и, со песна, на работа до нови успеси! (Да, да, резултатите треба да бидат баш како од времињата како што ова ви звучи…)

Извор: Цивилмедиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...