Кривични за кумановка од УБК и двајца скопјани, ѝ подариле диплома и без пари и без испити

2836
Полицијата поднесе кривични пријави против 45-годишна кумановка вработена во Управа за безбедност и контраразузнавање за „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“ и против 48-годишен скопјанец вработен во Универзитетот за туризам и менаџмент „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување исправа“ бидејќи ѝ помогнал без уплата на школарина и испити да се стекне со диплома и притоа да го оштети Универзитетот за вкупно 389.500 денари.

Кривична пријава е поднесена и против правното лице Универзитет за туризам и менаџмент – Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“, информираат денеска од МВР.

Според документираните сознанија, првопријавената А.Д. (45) која од 06.06.2012 година била вработена во  МВР – Управа за безбедност и контраразузнавање со завршен  IV  степен на образование, на 16.07.2013 година се запишала како вонреден студент во приватната високообразовна установа – Универзитет за туризам и менаџмент во Скопје – економски факултет, и притоа не ги испочитувала бараните услови и доставила Пријавен лист за запишување – без датум и без потпис на кандидатот и одговорното лице, со што се стекнала со студентско досие.

Според МВР, за секој поединечен семестар А.Д. требало да уплати сума од по 61.500 денари и да изврши заверка за да отпочне со полагање на испитите. Пријавената А.Д. првиот и вториот семестар ги заверила по завршување на студиската година, додека пак за целото студирање за завршените 30 испитни предмети уплатила вкупно 7.500 денари, иако вкупно требала да плати 377.500 денари,  или уплатила вкупно 15.500 денари за сите студиски години. Истовремено констатирано е дека полагањето на колоквиумите и испитите е регистрирано во работни денови, кога А.Д. била на работа и го почитувала работното време.

Така невалидно стекната диплома, А.Д. во повеќе наврати ја употребила како вистинска приложувајќи ја во МВР на РМ и пред комисии за распоредување и ситематизација на работни места, за унапредување во системот на кариера.

Второпријавениот, М.Ч. (48), вработен во Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје на работно место Оперативен директор во Одделот за оперативни работи, одговорен за финансиските обврски на студентите, со намера на друг да му овозможи стекнување со противправна и друга корист, константно ја злоупотребувал службената положба и на А.Д. и овозможил на нелегален начин да се стекне со високо образование, односно и овозможил полагање на колоквиуми, испити и заверка на семестар и без извршена уплата, намерно не водење на личен картон за студентот, при што за  вкупно 389.500 денари го оштетил Универзитетот.

Третопријавеното правно лице – Универзитетот за туризам и менаџмент – се сомничи за кривичното дело „фалсификување исправа“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...