По речиси три години од убиството на нарко босот Дилавер Бојку Леку полицијата поднесе кривични пријави за убиство и за убиство во обид.
Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „убиство“ и „убиство во обид“, Оделението за внатрешни работи Струга, поднесе кривична пријава против К.Л. (33) од струшкото село Ливада како и против Е.О.(39), од истото село, за сторено казнено дело „помагање“.
На 14 август 2017 година, првопријавениот К.Л. на летна тераса од угостителски објект во Струга со револвер го лишил од живот 58 – годишниот Дилавер Бојку – Леку од струшкото село Велешта, а потоа пукал и кон А.Б.(41) од Струга и Б.С.(28) од селото Велешта. Второпријавениот Е.О. со патничко возило „мерцедес“ со швајцарски регистарски ознаки, по претходен договор со сторителот, го однел до угостителскиот објект, соопшти полицијата.