Кривичниот суд го објави писмото на амбасадорот на САД Џес Бејли во кое тој изразува загриженост поради гласините дека Амбасадата на САД влијаела врз македонски судии при донесување на нивните одлуки.
„Сметајќи на Вашата улога како високо ценет партнер во напорите на Амбасадата на САД за јакнење на владеењето на правото и судската независност во Макединија, Ви се обраќам за помош по прашање што ме загрижува, а се однесува на постојани лажни гласини со наводи дека амбасадата на САД има за цел да влијае на судиите.
Во изминативе седмици на моите колеги и мене во повеќе наврати ни беше кажано дека судии наводно, припишувале одлуки донесени во тековни судски предмети, истраги и притвори по „инструкции од Америкнаците”. Ништо не би можело да биде подалеку од вистината.
Соединетите Држави продолжуваат и се залагаат за независност на македонското судство. Ние веруваме дека судиите треба да носат одлуки врз основа на важечки закони и дозволени докази, а не врз основа на било какви политички проценки или интервенции од некоја политичка или владина личност. Тоа е наша конзистентна порака, јавно и приватно.
Како што знаете, нашите програми за обука и менторство беа дизајнирани за да ги унапредат професионалните вештини и отпорност на македонските судии со цел тие да можат да издржат надворешен притисок и да носат независни, издржани одлуки. Било каква сугестија дека САД сакаат да управуваат со некоја судска разрешница е лажна.
Длабоко сум вознемирен од ваквите постојани лажни гласини, со оглед на нашата посветеност на независното судство. Со цел да помогнете да се разобличат ваквите лажни наводи, Ве молам да ја споделите содржината на ова писмо со Вашите колеги судии, со цел тие да се уверат дека нашата позиција е и ќе остане иста, а тоа е дека тие се независни во применувањето на законот и дека ништо друго освен фактите и законот не треба да влијае на нивните одлуки”, стои во писмото од амбасадорот Бејли.