Кривична за екс градоначалникот Трајановски, избрал директор на „Водовод“ без нострифицирана диплома

916

Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски и за уште тројца вработени во Градот под сомнение дека ја злоупотребиле службената положба. Освен Трајановски кривични добиле Н.И.(65), В.Ѓ.(53) и Б.Т.(67) тогаш  раководители во Град Скопје.

Според МВР, првопријавениот К.Т., како градоначалник на град Скопје во текот на декември 2014 донел Одлука за распишување на јавен конкурс за избор на директор на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“-Скопје, врз основа на што бил објавен Јавен конкурс и била спроведена постапка за избор на директор на претпријатието. За спроведување на постапката биле назначени Н.И. – раководител на секторот за општи работи во Град Скопје, претседател на комисијата за спроведување на постапката за избор на директор во ЈП „Водовод и Канализација“, а В.Ѓ. – раководител на одделение за управување со човечки ресурси во Град Скопје и Б.Т. – раководител на сектор за правни работи во Град Скопје, во својство на членови на комисијата.

– Претседателот и членовите на комисијата не извршиле проверка на комплетноста и валидноста на доставената документација од кандидатите за распишаниот јавен конкурс за избор на директор на ЈП „Водовод и канализација“ Скопје. Од 11 пријавени кандидати за директор бил избран кандидатот А.А., кој имал некомплетни документи, односно дипломата за завршен факултет во државата Њујорк во САД не му била нострифицирана. Ваквата одлука тие ја доставиле до К.Т., кој исто така, не извршил проверка и донел Одлука за избор на А.А. за директор на ЈП „Водовод и канализација“-Скопје, се посопчува во соопштението.

По изборот, се додава, Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва (СУТКОЗ), до Министерството за труд и социјална политика и до Државниот инспекторат за труд, поднеле претставка за начинот на избор на директор.

– По извршениот инспекциски надзор во јавното претпријатие, на К.Т. му било укажано да ја преиспита одлуката за избор на директор на претпријатието и да донесе одлука во согласност со своите надлежности, но тој не преземал никакви дејствија со што му овозможил на лицето А.А. да продолжи да ја извршува функцијата, се наведува во соопштението од МВР.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...