Кривичен ќе каже дали ќе има судење за „крвавиот четврток“

Дека е неопходна правна разрешница за настаните во законодавниот дом лани, според најавите, ќе биде она на што Европската Унија во заклучокот од Самитот во Брисел наредната недела ќе ја потсети Македонија без разлика дали ќе одреди датум за почеток на преговорите или не.

563

Во текот на денешниот ден се очекува советот од Кривичниот суд во Скопје да ја соопшти одлуката дали е прифатен обвинителниот акт за упадот и насилството во Собранието на 27 април лани.

Ако судиите го прифатат обвинението, тогаш наскоро ќе треба да се закаже и првото рочиште за старт на судењето во кое 28 лица се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, а двајца за помагање на истото кривично дело.

Судот може да донесе одлука и да го отфрли обвинителниот акт или, пак, да го врати во обвинителството на доработка.

Меѓу вкупно 30-те опфатени со обвинението се и поранешниот директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, петмина пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ (Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски и Сашо Василевски), дел од организаторите на протестите За заедничка Македонија (Игор Дурловски, Богдан Илиевски – Бетмет, Владо Јовановски, Борис Дамовски)…

Сепак, во ова обвинение не се опфатени евентуалните нарачатели на упадот. Кога на 27 март годинава беше покренато обвинението, од обвинителството најавија дека ќе продолжи истрагата.

– Покрај за обвинетите, истрагата утврди дека во организацијата на настаните од 27 април во Собранието на Република Македонија биле вклучени и одреден број засега непознати лица, за што во следниот период продолжуваат истражните дејствија со цел целосно расветлување на настанот – посочија оттаму.

Дека е неопходна правна разрешница за настаните во законодавниот дом лани, според најавите, ќе биде она на што Европската Унија во заклучокот од Самитот во Брисел наредната недела ќе ја потсети Македонија без разлика дали ќе одреди датум за почеток на преговорите или не.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...