Крвавите плодови на омразата

Примери за антисемитизам има и денес, на секој чекор. Често се крие зад изрази што зборуваат за предрасуди за кои, пак, мислиме дека се „народни изрази и преданија“.

680

 

И прикриениот антисемитизам е антисемитизам. Разликата меѓу отворениот и прикриениот антисемитизам е во тоа што прикриениот може некогаш да биде и поштетен отколку отворениот. И кратка е патеката меѓу отворената омраза и прикриената. Таа само чека погодни услови да се распламти и да ги собере своите крвави плодови.

Креирањето на поимот антисемитизам се поврзува со германскиот новинар Вилхелм Мар кој за тоа пишува уште во 1879 година. Тој пишува и дека омразата кон различни либерални, космополитски и интернационални политички трендови во 18-от и 19-от век често се доведуваат во релација со Евреите. И во тоа време, националистите и другите деструктивни политички центри на моќ ги напаѓале политичките идеи како што се еднаквоста, граѓанските права, уставната демократија, социјализмот и пацифизмот. И, со подеднаква жестина, ги мразеле Евреите. Воедно, тие структури жестоко се спротивставувале и на слободната трговија, финансискиот капитализам и низа други модерни тенденции во тогашната светска економија. И ја промовирале омразата врз идеолошка, расна или етничка основа.

Педесетина години подоцна, Адолф Хитлер доаѓа на власт и во име на државата го нарачува, финансира и раководи ѕверското истребување на Евреите, а воедно и на сите носители на идеи што биле поврзувани, односно поистоветени со нив.

Дури и џезот бил етикетиран како црнечко-еврејска комунистичка музика, па и џезерите биле брутално прогонувани за време на нацистичкиот режим. Особено молските созвучја биле забранувани и им се налагало на композиторите и музичарите да им даваат предност на дурските композиции, „во согласност го здравиот дух на германската нација“, како што опишува чешко-канадскиот писател Јозеф Шкворецки во својата новела „Бас саксофон“.

Примери за антисемитизам има и денес, на секој чекор. Често се крие зад изрази што зборуваат за предрасуди за кои, пак, мислиме дека се „народни изрази и преданија“. Самиот поим Евреин често се користи во погрдна смисла. „Евреите го убија синот Божји“ – знаат да кажат некои билмези што мислат дека се побожни, „заборавајќи“ дека Исус бил Евреин и дека го погубила римската власт во Израел.

На сличен начин се „размислува“ и во поглед на Холокаустот. Неретко може да се слушне дека Холокаустот е измислен или дека бројот на жртвите на Холокаустот не е толкав како што се тврди. Дека тоа е заговор… Без аргументи, без свест за позадината на таквите тврдења и уште помалку свест за тоа каде може да води таквото размислување, премногу лесно се изговараат нешта кои се на истата линија со најопасните и најнечовечните доктрини на човековата цивилизација.

Минимизирањето, па и негирањето на Холокаустот е дел и од државната политика во некои земји во светот денес, а одредени државни лидери неретко манифестираат антисемитизам на различни начини. Тие исти лидери се на чело на држави во кои не владее демократијата.

Многу често, едноставно, се молчи за Холокаустот во стилот: „Не знам јас тоа…“ А се молчи и во учебниците и во медиумите. Според Резолуцијата 60/7 на Обединетите нации, државите-членки имаат обврска да го одбележат Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот, да потсетам уште еднаш.

Дури и една жртва на омраза е премногу, а да не говориме за шест милиони Евреи, стотици илјади идеолошки, расно или биолошки „неподобни“ или над 50 милиони жртви колку што е вкупниот биланс на смртта во Втората светска војна…

Колку може да биде „напумпан“ бројот на жртвите на Холокаустот? За 100.000? За еден милион? Сѐ уште останува вртоглава бројка од цели милиони луѓе чии животи ги однела идеологија заснована на поделби и омраза. Невидено разорување и крвопролевање надвор од моќта на поимањето. Секоја од жртвите, секое дете, жена, маж… имале име и презиме, одредена боја на очите, број на килограми на телото, соништа, желби, таленти, планови, склоности, маани, доблести, специфична насмевка, солзи… И, сите нив ги убила идеологијата што се засновала на омразата кон различните.

Говорот на омразата, лесно и брзо води кон насилство. Омразата кон Евреите денес е омраза кон други утре и обратно. Омразата врз основа на етничка припадност денес е омраза кон раси или вери утре. Веднаш значи и омраза кон оние што размислуваат и дејствуваат различно, што изгледаат различно… Следниот чекор е повик за прогон и убиства и нивно извршување.

Децата на училиште ги учат да се крстат, но христијанската љубов останува зад бедемите на незнаењето. Децата на училиште не дознаваат што се човекови права. А и да дознаат, исто како со крстењето, не дознаваат што стои зад тоа. Едукација за човековите права значи и едукација за Холокаустот. Едукацијата на училиште подразбира и свест и почит кон различностите, толеранцијата, ненасилната комуникација меѓу луѓето, градење на мирот… Го има ли сето тоа во очите на детето кога ќе се врати од училиште? Еве, да не барам премногу, барем дента кога ќе заврши основно училиште од цели девет години? Или, ако и тоа е премногу, барем на крајот од средното образование? Го има ли? Го има ли тоа во семејството? Дали расчистивме со Холокаустот во нашите глави?

Дваесет и седми јануари е ден на сеќавање на Холокаустот, ден кога Црвената Армија го ослободила Аушвиц (Полска, 1945 година).

Ова е убав ден да погледнеме внатре, во себе, барем за миг. Што и да видиме внатре е подобро отколку да бидеме слепи, глуви и неми за тоа што сѐ вирее во нас. Можеби тоа не е нешто што сакаме да бидеме… Преиспитајте се. Тоа е првиот чекор кон станувањето подобар човек. Има уште неколку такви денови во годината. Некои се верски, некои се меѓународни. Некои им припаѓаат на другите вери, ама исти се, само на различен датум…

Ви посакувам убав ден на дружење со вашиот внатрешен свет.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...