„Златниот рудник“ на македонската правна држава – Специјалното јавно обвинителство – е правосудна институција чија функционална перспектива мора да се обезбеди, доколку Македонија има намера да опстане како држава во која марифетлуците на политиката ќе треба барем на среден рок уште да бидат скротувани од правото. И тоа баш вакво СЈО какво што е денеска: робустно, одделено од останатиот обвинителски систем, со посебна зграда, со посебен буџет, со посебен закон и со статус на кој по малку му се завидува! Со свои прес-конференции, со свои обвинители и истражители, со свој возен парк, па дури и со извесна мала ароганција која повремено предизвикува контроверзи во јавноста.
Како и да земете, СЈО тоа и го заслужува. И покрај семожните опструкции и проблеми, институцијата, за неверојатно кратко време, самата се воспостави во столб на демократската и правната обнова на Македонија, надвор од сите очекувања на домашните политички, но и стручни кругови. Не е претерано да се тврди дека таа ја спаси самата идеја за можноста од демократија во земјава. Произведе завидно количество деликатни обвиненија за кои сите се сомневаа дека ќе успее да ги покрене, а судењата по нив се во полн ек. Адвокатите на одбраната главно се концентрирани на тоа како да ги одложат рочиштата, а обвинетите се трудат да останат присебни, иако им е јасно дека водата им е дојдена скоро па до нос.
Во средиштето на тој напор е некогаш анонимната, особено за пошироката јавност, гевгелиска обвинителка Катица Јанева, која стана препознатливо име во секое македонско семејство, како кога се разговара за драга роднина, некоја тетка од внатрешноста, на пример, на која ѝ паднала честа да ги наследи и чува семејните рецепти за торти и славски колачи. (Ами, да беше лесно да се направи „Васина торта“ и редовните обвинители ќе маткаа јајца секој ден!)
Затоа, идејата ваквото СЈО да се „претопи“ во постоечкиот обвинителски систем во земјава е веројатно најглупавото нешто што може да се направи во правосудните реформи во Македонија. Тоа е како да основате и да разработите работилница за одржување на ретки модели на мерцедес, а потоа, заради заштеда на тоалетна хартија, да ја интегрирате во големиот сервис за поправка на фиати и лади!
Дури, ми се чини како половичен и концептот што самото СЈО сега го предлага: ако веќе морало да ги „претопуваат“ како некакво посебно одделение во постоечкото Јавно обвинителство, барем да му се дадат ингеренции за водење на случаи од областа на т.н. „висока корупција“. Ништо од тоа нема да биде, како што се „прослави“ и своевремено надежно најавуваното Обвинителство за (наводно) гонење на организиран криминал – не, фала, имаме доволно искуство за тоа како „револуцијата ги јаде сопствените деца“! Ќе исчезнат како пареа над висока печка.
Смислата на едно СЈО е токму во извесната напнатост на односите со нормалното Обвинителство, бидејќи, ќе видите, нема да помине ни половина година, а културата на неказнивост на политичарите, долго негувана во нашата „зврлевистичка“ обвинителска фела, ќе го „проголта“ стекнатиот професионален кредит на СЈО како некоја крастава жаба што мези полноглавци од брегот на македонското правосудно мочуриште.
Но, сите знаеме дека опстанокот на ваквото СЈО зависи од најмалку две третини од гласовите во Собранието на Македонија. Бидејќи половина од составот на опозициската партија се клиенти на СЈО, тие би ја удавиле Катица во најблиската бара на паркингот зад собраниската зграда, а не па мандатот да ѝ го продолжуваат и прошируваат!
Додуша, да можат, би сакале тие да се испазарат со неа, ама за тоа што им го нуди законот ќе мора ем вина да признаат, ем пари да враќаат. А нив уште ги лаже паметот дека за „тие пари“ вреди и некоја година да се одлежи…
Извор: Цивил медиа