Македонија скоро десет година има „крал“. Седнат на „кралскиот трон“ во претседателската палата на Водно тој дава помилувања кога сака и кому сака. Ја цени усогласеноста на законите со Уставот како да не постои уставен суд. Не го ферма Парламентот (Собранието). Кога ќе му текне не потпишува укази за прогласување закони. Го кара мнозинството во Собранието, ја кара Владата избрана од тоа мнозинство, нарекувајќи ги предавници. Му се заканува на претседателот на Собранието и на директорот на Службен весник со затвор, како да е небаре вистински крал; не современ крал или, просто кажано, монарх од парламентарната монархија, со многу малку овластувања, туку апсолутистички како што биле, на пример, француските кралеви пред револуцијата, па руските, пруските, австриските цареви, турските султани и други познати и непознати монарси. Вечнаја им памјат. Избран со околу 22 проценти од гласачкото тело во политиката секогаш ја држи страната на аристократијата (читај арамократијата) од партиската врхушка на ДПМНЕ-то и нејзините приврзаници. Ние, останатите граѓани (или народ како што најмногу милува да каже) за него како да не постоиме.
Пишувајќи за неговото „кралско височество“ ќе почнеме прво од Уставот. Тој е хиерархиски највисокиот нормативен акт во секоја држава, па и во нашава Република. Со него мора да бидат усогласени законите и подзаконските прописи. За согласноста на законите и другите прописи со Уставот одлучува Уставниот суд (член 110, алинеја 1 и 2).
Уставот, во член 51, став 2, императивно кажува: „Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.“ Тоа значи дека никој не е над уставот и законите. Нашиот Хорхе се стави над нив. Едноставно си зеде за право тој, наместо Уставниот суд, да ја оценува уставноста на законите и да не ги потпишува указите за нивно прогласување, акo лично смета дека се неуставни.
Пред една година Собранието на Републикава го донесе Законот за употреба на јазиците, а пред шест месеци Законот за ратификација на Спогодбата со Република Грција. „Неговото височество“ одби да ги потпише указите за нивно прогласување и по повтореното разгледување од страна на Собранието на Републикава. Тврдеше дека законите се неуставни.
Уставот во членот 75, став 3, е јасен како јасно сонце или како полна месечина на ведро небо. Еве што вели тој: „Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише“. Должен е и точка. Одредбава е строго императивна и не трпи никаково поинакво толкување. Хорхе требаше да постапи согласно со неговата уставна должност. Доколку сметаше дека законите се неуставни, го имаше на располагање Уставниот суд. Веднаш по нивното објавување во Службен весник можеше да поднесе иницијатива за оцена на нивната уставност. Уставниот суд ќе постапеше по иницијативата и се ќе беше во ред. Но „неговото височество“ се стави над Уставниот суд и одлучи да не ги потпише поради „неусогласеност со Уставот.“
Не само што се стави над Уставниот суд, туку се стави и над Собранието и со тоа го прекрши уставното начело на поделба на власта кое впрочем е една од темелните вредности на уставниот поредок на Републикава утврдена со член 8 став 1, алинеја 4, од Уставот. Тој, како претседател и припаѓа на извршната власт. Собранието е носител на законодавната власт. Како орган на извршната власт тој требаше да ги потпише указите за прогласување на наведените закони онака како што му налага Уставот. Со потпишувањето едноставно ќе ја симнеше одговорноста од себе поради нивната евентуална неуставност и ќе ја „префрлеше топката“ на Собранието.
Ставајќи се над Собранието, „неговото височество“ се стави и над нас мнозинството граѓани на Републикава. Собранието, според член 61, став 1 од Уставот, не само што е носител на законодавната власт, туку е и претставнички орган на граѓаните. Во него седат пратеници, како демократски избрани претставници на нас граѓаните, преку кои ние ја остваруваме власта (член 2, став 2. од Уставот). Двата, според него, спорни закони, Собранието ги донесе со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Тоа значи дека ги донесоа пратеници кои го претставуваат мнозинството од нас граѓаните.
„Неговото височество“, не почитувајќи ја волјата на мнозинството пратеници, едноставно ни стави на знаење дека не го почитува мнозинството од нас граѓаните кои ги избравме тие пратеници за да владеат со државава во наше име, онака како што пропишува Уставот. Никој повеќе не е заинтересиран за судбината на државава од нас граѓаните. Тоа е наша држава. Нема држава без нас. Да не бевме ние ова парче балканска земја ќе беше ненаселена пустина. Но „неговото височество“ Хорхе ни го узурпира нашето право да се грижиме за државата, за нашата држава, како небаре таа да само е негова, а тој да е крал.
Во трката за претседател влезе со слоганот „државата пред се“ кој многу ме потсетуваше на Мусолини и неговата теорија за корпоративната држава според која државата е над сите општествени вредности дури и над граѓаните кои живеат во неа. Но, по изборот за претседател тој се стави во улога на Виторио Емануеле III и стана верен послушник на тогашниот наш Мусолини, сега на самоволно оддалечување од државава со привремен престој во Будим-Пешта.