Коља-Царуха: Независни Грци ќе ја напуштат владата кога ќе дојде Договорот од Преспа

455

Кога и доколку дојде договорот, ние ќе си заминеме од министерствата, рече заменик министерката за одбрана на Грција, Мариа Коља-Царуха од редовите на Независни Грци во интервју за солунското радио „Фокус ФМ“.

– Ние ќе си заминеме од владата кога ќе ги видиме потезите на господинот премиер во врска со ова прашање. Кога? Може многу брзо, може … сѐ ќе зависи од тоа кога ќе реши господинот Ципрас, доколку самиот реши, ова е големо политичко и национално прашање, сакам да верувам дека одново ќе го разгледа – рече заменик министерката за одбрана на Грција.

Коља-Царуха додаде дека „другата страна не се држи до тоа што беше договорено“, и истакна дека станува збор за прелиминарен договор меѓу двајца министри, а не договор, бидејќи, како што објасни не бил ратификуван од парламентите на двете земји, јави дописничката на МИА од Атина.

– Не сакав да се склучи овој договор. Ние се најдовме во влада со еден министер, господинот Коѕијас за кој на почетокот верувавме и верував дека се обиде за некои работи, но понатаму се појавија различни елементи во овој договор за кои ние, не се согласуваме, а генерално со терминот Македонија. Едноставни се работите, не можеме да ги направиме поедноставни – истакна Коља-Царуха за грчкото радио.

Во однос на нејзиниот сопартиец и пратеник Танасис Папахристопулос, кој од прв момент јавно изјави дека ќе го поддржи договорот и ќе го отстапи пратеничкото место, Коља-Царуха објасни дека биле направени големи напори за да се премисли, но тој си останал на неговиот став.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...