Кој ќе се помирува?

950

Да речеме дека живееме во свет на две конфликитнии идеологии кои доведуваа до повремени социјални потреси од слаб или силен интензитет. Треба помирување за да се избегнат тие потреси, особено оние од силен интензитет. За да дојде до помирување, првин треба да се идентификиваат тие две идеологии за да се види дали имаат некоја заедничка точка врз основа на која ќе се изработи некој делотворен модалитет на помирување.

Да речеме дека во нашите конкретни околности ја имате идеологијата етноцентризам (го избегнувам зборот национализам или ултранационализам), а на другата страна идеологијата индивидуализам кој го подразбира политичкиот плурализам како душа на демократијата. Кон што води едното, кон што другото? Како може да се постигне помирување врз таа основа?

Веднаш да кажам, никако! И етноцентризмот и индивидуализмот во полната смисла на тој збор се полемички затоа што, како структури тие се, како и секоја структура, тоталитарни. Всушност, modus vivendi на секоја структура е нејзината потреба да ја елиминира секоја друга, конкурентна структура, за да може да се „појави“, односно да се установи како и структура. Затоа и се вели дека секоја структура е „потенцијално“ тоталитарна, како што секоја доктрина, за да се верификува како жива и делотворна е, исто така, тоталитарна. Зошто идеологиите етноцентризам и индивидуализам се тоталитарни?

Идеологијата етноцентризам го издига етносот на највисоко место во скалата на вредности. Неговиот дух е духот на колективизмот кој ги елиминира правата на индивидуата затоа што тие се опонентни на духот колективизам. Во нашиот конкретен случај имате македонски, албански, турски, ромски итн. етноцентризам кои се, исто така, полемички меѓу себеси, а пак тоа води кон неминовни етнички судири од кои еден треба да излезе како победник за да може да се „појави“ на политичката сцена, односно да се установи. Помирувањето меѓу нив е, исто така, неможно зашто води кон нивното „укинување“.

Идеологијата индивидуализам во класичната смисла на тој збор (онаа од 19-ти век) е не помалку тоталитарна идеологија од онаа на етноцентризмот – затоа што таа подразбира радикален волунтаризам. Имено, индивидуализмот сфатен како право на полна слобода (јас го правам тоа што го сакам) неминовно води кон „војна на секој против секого“ во која правото на силата станува закон, а не силата на законот кој важи за сите. Накусо, тој вид индивидуализам не знае или не сака да знае дека конституитивна црта на слободата е границата која се сведува на кантијанското начело: „Прави го тоа што сакаш да ти се прави“.

Индивидуализмот сфатен во модерна смисла на тој збор ни оддалеку не е некој апсолутен, апстрактен индивидуализам како оној од 19-ти век. Потекнува од доктрината демократија која значи, во прв ред, политички плурализам. Тој подразбира власт на законот на една со поделба на јавна и приватна сфера во која едната ја контролира другата. Тоа значи дека јас можам да правам сè што сакам „дома“, но не и во „јавниот живот“ во кој важи еден закон „за сите“, а не „мојот закон“ кој важи само во мојот дом и според кој се – однесувам.

Да ги поедноставиме работите. Премиерот Заев кој случајно или намерно ја исфрли таа формула на „помирувањето“ (со „помилување“ ако добро чув кога го изговори тоа првпат) сега вели дека тоа треба да се изведе така за да не дојде до „урнисување“ на правнта држава. Кирацовски, секретар на СДСМ даде и некои објасненија кога рече дака требало да се направи некое „тело“; дека тоа требало да „дебатира“ и од таа „дебата“ требало да се искристализираат идеи врз основа на кои, потоа, ќе се направеле некои модели на помирувањето. Шефот на парламентот (Талат Џафери) очекува допрва да се направи такво „тело“ кое би имало смисла ако се вклучи во тоа Мицкоски.

Последниов не верува во помирување врз основа на некоја „амнестија“ затоа што таа би довела до „селективна правда“ за оние од крвавиот четврток на 27 април 2017. Која, згора на тоа, била „полоша од неправда“. Напротив, неговата опозиција сега пишува закон кој треба да ги ослободи сите оние кои се обвинети за „терористичко загрозување на државниот поредок“ и кои сега одговараат на суд. Вклучително и оние кои, во меѓувреме, му се одметнаа на Мицкоски и кои гласаа за уставни промени, а Мицкоски ги исклучи од ВМРО-ДПМНЕ. Како и некои други, не помалку видни и моќни од него.

Не гледам како нема да дојде до „урнисување“ на правната држава, а да се направи некое „помирување“ со оние кои се огрешиле кон закон. Во крајна линија, не може да стане збор за власт на закон кој важи за сите кога тие што се огрешиле кон закон ја зеле правдата во свои раце затоа што, во еден момент, процениле дека нивниот закон е, поправо, оној што треба да важи за сите.

Сè уште не знам дали премиерот, кога ја исфрли таа идеја го направи тоа случајно, дали го направи под притисок на неговата реторика „во налет“, или пак под притисок насиулна желба да добие некои гласови од опозицијата кои ќе се „освестат“, последица на неговите меки, а силни зборови. Не знам ни дали беше намера да „заведе“ некого, работа која може да се оцени во духот на познатата „политичка коректност“. Знам само дека работите се многу покомпликувани отколку што изгледа на прв поглед, а и натаму ќе се компликуваат. Затоа што не се знае кој со кого ќе се помирува. Уште помалку – како и врз која основа?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...