Соработката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ со власта за постигнување на целите поставени од Европската Унија резултираа со најдобриот извештај на Европската комисија за нашиот напредок кон ЕУ, вклучувајќи ја и јасната пишана и уште појасната изговорена (Хан, Могерини, Жбогар) препорака за почеток на преговорите на Унијата со Северна Македонија. Таа соработка меѓу опозицијата и власта, повремено водена на затворени состаноци на дискретни локации, треба да се одбележи како извонредно достигање, знак за невообичаена политичка зрелост, во тешки времиња на жестоки предизборно-изборни кампањи и континуирани пропагандни и политички конфронтации.
За тоа, капа долу, колку за Заев, уште повеќе за Мицкоски и за нивните преговарачки тимови!
Се разбира, во таа соработка има една „сопка“: СЈО.
Сега станува појасно дека одлагањето да се бара сериозно решение за статусот на СЈО е, барем премолчено, договорено и од двете страни – веројатно по малку „посредувано“ и од самата бриселска администрација – за неуспехот на тие преговори да не биде „дамка“ во Извештајот на ЕК. Кои докази да важат и до кога, кои предмети на кое обвинителство да му припаднат и дали на Катица Јанева (лично) и на нејзиниот тим (поединечно) да им се додели уште еден мандат, се прашања по кои нема јасен, безусловен договор, а ни решително приближување на ставовите.
Оваа преговарачка блокада го формира чувството во јавноста дека интересите на некои од засегнатите осомничени криминалци ќе претегнат, наспроти интересите на правната држава, правдата и правото да бидат задоволени. Скопската правно-политичка чаршија е преплавена со шушкања и „доверливи“ информации, пренесувани од „добро упатени“ извори, дека во игра се големи пари, транспортирани и трансферирани овдека од Унгарија до Турција и од Бугарија до Чешка, кои се нудат секому кој делува како каков било „фактор“ кој може да влијае во „играта на троновите“ за постигнување на финалните решенија за СЈО: од политичари и судии, преку адвокати, џандари и бизнисмени, до обвинители и новинари, без особена преференција за нивните идеолошки, професионални или опозициско-владејачки статуси.
Како што поминува времето на одлагањето на политичкиот договор, така во прикаските за големите поткупи превладува сентиментот од поговорката дека „таму кај што има чад, мора да има и оган“. Во држава во која не се сака да се расчисти пребегот на еден осуден бивш премиер, во која без последици по никого со месеци се објавуваат нелегално снимени телефонски и други разговори, во која цели криминални структури се нечепнати (а некои и унапредени) на позиции на моќ и влијание, во која судовите ги развлекуваат судските рочишта како износени хулахопки, а затворите немаат комбиња за пренос на обвинетите до судница… зошто во таква држава да не се верува во можноста дека правдата е на продажба, со таа дребна непријатност за цената малку да се преговара?
Во вакви околности се зголемува бројот на оние кои ги напушта професионалниот ентузијазам, кои „мирисаат“ дека поведението „со крстот на челото“ не е препорака за успех во работата и животот, а од таквите дилеми, до ставот да не се доживее состојбата на „последна будала“ во окружувањето, е прашање на ден, час!
Затоа е упатно да се потсетиме дека по повод тукушто објавениот Извештај на ЕУ, покрај нашата егзалтација од пофалбите, таму стојат и такви констатации дека „корупцијата преовладува во многу области и останува предмет на загриженост“, како и дека „властите мора да ги засилат напорите во насока на демонстрација дека борбата против корупцијата е национален приоритет на сите нивоа на власта“…
Слушате, „власти“, сетете се на овие забелешки пред да го стокмите последниот договор за СЈО. Да не ве читаме вас во следниот извештај на ЕУ.
Извор: Цивил медиа