Откако по дводневна расправа завчеравечер повторно доби доверба од грчкиот Парламент, следната станица за владата на Алексис Ципрас е ратификацијата на Договорот од Преспа, а гласањето би можело да се случи дури и во текот на следната седмица, јави дописничката на МИА од Атина.
Договорот од Преспа, прво ќе треба да мине низ надлежните комисии во парламентот, потоа ќе биде донесен на пленарна седница, по што ќе следи гласањето. Дали ќе биде донесен на една или повеќе комисии, дали ќе има една, две или повеќе седници, ќе одлучи претседателот на парламентот, заедно со неговите потпретседатели, на состанок за кој МИА неофицијално дознава дека е планиран за понеделник.
Официјална Атина во изминатиот период говореше за двојно мнозинство во парламентот и за доверба и за договорот.
Ратификацијата, законски, може да помине и со помалку од 151 глас, потребно е да има мнозинство од присутните пратеници на гласањето, меѓутоа целта на грчката Влада е Договорот од Преспа да се изгласа со апсолутно мнозинство.
Претседателот на грчкиот Парламент пред два дена рече дека „договорот треба да биде изгласан од 151 пратеник за да има силна моќ, како во внатрешноста на земјата, така и во меѓународните организации“.
Земајќи ги предвид јавно изразените позиции на грчките пратеници, МИА анализира, како во овој момент стои распоредот на силите во однос на Договорот од Преспа.
Владејачката СИРИЗА има 145 пратеници и сите го поддржуваат Договорот од Преспа, што значи дека на владата и недостигаат уште шест позитивни гласови.
Од шесттемина пратеници кои вчера гласаа за доверба на владата, извесно е дека за Договорот од Преспа, доколку не се случи некое изненадување, ќе гласаат четирворица: заменик-министерката за цивилна заштита Катерина Папакоста, министерката за туризам Елена Кундура, пратеникот од Независни Грци, Танасис Папахристопулос, како и поранешниот член на Река, а сега независен пратеник, Спирос Данелис.
Со тоа бројката достигнува до 149 пратеници.
Останува енигма каква ќе биде позицијата на партијата Река. Додека Данелис беше дел од пратеничката група, беше сигурно дека најмалку четворица ќе го поддржат договорот со Македонија, меѓутоа по неговото отстранување од партијата, постојат различни шпекулации и сценарија.
Движењето Река на вчерашниот состанок на политичкиот совет одлучи дека останува во опозиција, но паралелно не ја менува одлуката донесена на Конгресот дека проблемот со името треба да се реши и Грција треба да биде протагонист во отворањето на европскиот пат за соседната земја.
Лидерот на партијата, Ставрос Теодоракис на завчерашната расправа во грчкиот парламент рече дека „глас за доверба на владата значи во секој случај позитивен глас за Преспа, додека напротив, позитивен глас за Преспа, не значи глас за доверба на владата“. Изјава која во Грција се толкуваше дека Река, веројатно нема да смени став.
Доколку лидерот на партијата и уште двајца негови сопартијци останат на првичната позиција и го поддржат договорот, тогаш владата ќе има 153 позитивни гласови.
Друга енигма е позицијата на лидерот на Демократска левица, коалиционата партија во Движење на промена, Танасис Теохаропулос, кој не е исклучено да отстапи од ставот на коалицијата и да гласа „за“.
Photo: EPA-EFE/YANNIS KOLESIDIS