Кој ја „врти“ невестата, зетот ќе се избира на конкурс!

Апсолутно го поддржувам Ахмети кога вели дека на туѓа свадба не оди, односно на свадба не доаѓа непоканет. Прв пат во историјата на независна Македонија, водечката партија на Албанците сака да поддржи заеднички кандидат со водечката партија на Македонците и прв пат предлага таа личност да биде етнички Македонец. Наместо да го прифати предлогот и да поентира на празниот гол на противникот, СДСМ, во манирот на Груевски, одлучува зетот за свадбата да го избира - на конкурс.

4440

Може да се ројат вакви или онакви претпоставки за мотивите на ДУИ да предложи владејачките партии да настапат со заеднички (консензуален) кандидат на претседателските избори. Можеме да шпекулираме за традиционалниот меркантилизам на албанскиот политички фактор во Македонија. Веќе го оспоривме и фаворитот на Али Ахмети за консензуален кандидат (Денко Малески). Но, на ниво на елементарна фактографија, нештата сепак се многу едноставни и јасни.

Имено, прв пат во историјата на независна Македонија, водечката партија на Албанците сака да поддржи заеднички кандидат со водечката партија на Македонците и прв пат предлага таа личност да биде етнички Македонец. Тоа е несомнено нов концепт и нов квалитет во нашата политичка пракса. Сѐ уште не сфаќам зошто СДСМ го дочека тој предлог буквално на волеј и го отшутира во аут, наместо да поентира во празниот гол на противникот.

Во право е Али Ахмети кога вели дека не може да си дозволи за неговата иницијатива и за неговиот конкретен фаворит да се изјаснува конгресот на СДСМ, пред да се изјасни лидерот на владејачката партија. Логичен редослед би било Зоран Заев, доколку ја прифатил иницијативата на својот албански партнер, тоа и јавно да го соопшти, а конгресот на СДСМ да ја потврди определбата на својот лидер. Да потсетам, на Заев веќе му се припишува натчовечка храброст и мудрост (номиниран е и за кандидат за Нобеловата награда за мир), а луѓе од неговата околина веќе почнаа да го нарекуваат и „духовен реформатор“ на Македонија, наш Desiderius Erasmus Roterodamus. Кој би го оспорил неговиот предлог?!

На Ахмети очигледно му е јасно дека конгресот на СДСМ, а сега и конкурсот за пријавување претседателски кандидати што го распиша таа партија, се алиби за Заев, кој веројатно сѐ уште нема одлучено на кој од потенцијалните претенденти ќе му ја даде својата поддршка. Не е исклучено Заев до крајот на постапката да остане „неутрален“ и да ги остави кандидатите сами да си ги вадат очите пред партискиот конгрес, па сета таа збрка потоа да се означи како „демократска“.

Нема ништо демократско во таа работа, драги мои. Како што немаше ни во времето кога Никола Груевски своите пулени ги избираше на конкурси, на кои, нормално, победуваа неговите тајни фаворити. Не тврдам дека и Заев има таен фаворит и дека игра валкано, но избраниот формат е истиот, по теркот на Груевски.

Како и да е, апсолутно го поддржувам Ахмети кога вели дека на туѓа свадба не оди, односно декана свадба не доаѓа непоканет. „Ние не сме ничија патерица, ниту, пак, сме нечија опашка. Ниту претходно на Груевски, ниту сега на Заев“, се лути тој. За волја на вистината, ова за „патерицата“ и за „опашката“ и не е сосема точно, но не можеме да го пренебрегнеме фактот дека во случајов Ахмети настапи со храбра и одговорна понуда кон СДСМ. Тој дури вели дека неговата партија не отстапува од идејата за консензуален претседателски кандидат, но ако СДСМ најавува одлука на конгрес и распишува конкурс, сосема е очекувано и ДУИ својот претседателски кандидат да го избере на Централно претседателство на партијата (тие не распишуваат конкурс, навикнати се на тендери, а тоа е друг вид постапка).

Инаку, да не се занесуваме дека досегашните избори на кандидати за пратеници, за градоначалници и советници, како и за шеф на државата, биле демократски. Ниту биле, ниту ќе бидат. Во нашите партии нема здрав партиски живот. Идејата на ДУИ за консензуален претседателски кандидат можеше да значи само вовед во такво нешто, бидејќи ќе се развиеше нужна дебата меѓу двете партии и веројатно и во секоја од нив поединечно, не само за кандидатот, туку и за самиот концепт.

И ете, како што сега стојат работите, двете партии на свадба ќе тргнат со две музики. До обединување на свадбите, ако воопшто се случи тоа, веројатно ќе дојде во вториот изборен круг, но тогаш фактурата што ќе стаса на масата на Заев ќе биде бајаги подебела. Спрема мастрафот…

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...