Кој те зезна вака, кутар мој Shilegov?

Градоначалникот на Скопје одлично ја заврши својата задача и успешно организираше прослава за ракометарите на „Вардар“, на која организаторот не смееше да се појави. Свадба на која зетот е непожелен. Следната ваква „спонтана“ прослава, во организација на владата на Заев и на Град Скопје, се очекува за Свети Никола. Специјален гостин на вечерта ќе биде Никола Груевски, вратен на бел коњ. Добро де, се шегувам, ама да си кажеме право, на синоќешната прослава само уште тој фалеше.

25606

Обидот за политичко киднапирање на радоста на навивачите на европскиот ракометен шампион „Вардар“ овој пат не успеа. А бре и за киднапер треба да те бива! Наместо киднапирана прослава, видовме сосема поинаков перформанс – илјадници „комити“ и фанови на РК „Вардар“ спонтано го водеа настанот, а една поголема група навивачи оркестрирано ја искористи приликата за класична политичка пропаганда. Им се сможе…

Ако мене ме прашате, подобро и тоа, одошто да пукнеше поголем резил. На секое спомнување на „Град Скопје“, се слушаа свирежи на негодување. Можам да замислам што ќе се случеше ако градоначалникот Петре Шилегов се обидеше да се качи на сцената за да го „лапне“ микрофонот. А богами, можам да замислам и што ќе се случеше ако од некаде се појавеше Зоран Заев, според некои комични теории што ги прочитав на Фејсбук, најзаслужниот за сите наши победи, па и за овој спортски триумф.

За среќа, изгледа дека во последен момент политичарите сфатиле дека единствениот разумен начин да избегнат непотребни непријатности и тензии на преполниот плоштад Македонија е воопшто да не се појават на прославата. Да ги снема. Како што во еден момент исчезна и организаторот, кутриот Шилегов…

„Не слушнав, му се заблагодари ли некој на Петре Шилегов за дочекот или го заборавија“, прашува професорот Ѓорги Спасов. Не професоре, не го заборавија, намерно го изигнорираа. И тоа жестоко!

Не знам кој го заглави Петрета Шилегов да се нафати да биде организатор на прославата. Ама кој и да го сторил тоа, не му е пријател.

За љубов на вистината, Петре здраво се потруди да си ја заврши задачата: им додели пристојна премија на шампионите, им плати чартер-авион за тие што побрзо да се вратат дома, им организираше свечен пречек на аеродромот и трансфер со панорамски автобус, кон тоа придодаде катарза под Триумфалната капија, па убава бина, па мешана музика, а и озвучување и микрофони, за Вардарци самите да си ја водат прославата. И никој фала да му каже. Не е фер…

Петре дури и се облече во дресот на „Вардар“, си го напиша името Shilegov на грбот, ракоплескаше радосно кога ракометарите слегуваа од авионот, го издржа срамот што две третини од нив поминаа покрај него како покрај турско гробје, без да го погледнат, за на крајот да застане збунет и тажен покрај бината, со поглед „ко ме гурну“, веќе свесен дека никој нема ни да го спомне, ни да му се заблагодари, а најмалку да му дозволи да зуцне збор-два на бината.

Сценографијата во публиката – знамињата со сонцето од Вергина, државното знаме стуткано колку да не е без ич, скандирањата „Никогаш Северна, само Македонија!“ – покажа дека ракометарите на „Вардар“ шампионската титула ѝ ја посветија на една друга држава. Не на оваа под чие име настапија и секако не на оваа што ја водат луѓе кои непромислено се обидоа да спечалат некој поен на “Вардаровата“ спортска слава и кои го организираа и го платија спектаклот. Со наши пари, нормално.

Морам да кажам дека не ми се допадна таа непристојна претстава, а особено ме загрижи однесувањето на дел од навивачите, кои и вчера, ден пред празникот Рамазан Бајрам, пак жестоко ги навредуваа нашите сограѓани Албанци, со познатите скандалозни скандирања. И затоа, иако никогаш не честитам верски празници на Фејсбук (и не одговарам кога ми честитаат), овој пат во коментар на пост на моја помлада колешка, една од оние „клетите“, испратив честитка до сите мои „клети“ пријатели Албанци, а се потпишав како „зоти Героски“. Денеска и лично ќе посетам некои од нив. Мене повеќе одошто на моите пријатели ми е потребен еден таков гест. Оти ме изеде туѓиот срам…

А за сѐ се виновни луѓето од власта кои решиле да „организираат“ прослава без контрола. Резултатот од овој настан има и други непријатни последици: макар и само за една ноќ, се официјализираше употребата на старото македонско државно знаме со сонцето од Вергина, се прифати Триумфалната капија како официјален лендмарк за државни прослави и најлошо од сѐ, домаќините беа принудени да ја напуштат прославата и буквално да исчезнат.

Следната ваква „спонтана“ прослава, во организација на владата на Заев и на градоначалникот Шилегов, се очекува за Свети Никола. Специјален гостин на вечерта ќе биде Никола Груевски вратен на бел коњ. Добро де, се шегувам, ама да си кажеме право, на синоќешната прослава само уште тој фалеше.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...