
Друже Столтенберг, овој пат и ти се претера!
Ова што велиш сега, дека сме можеле да станеме членка на НАТО уште во јануари вгодина, се разбира под услов да бидеме умни и да си ја завршиме домашната задача, тоа е невиден притисок врз нашата кревка држава и силен удар врз нашиот национален идентитет. Да се промашат сите историски шанси, сите наши востанија да бидат преуранети или задоцнети, да се клоцне кофата полна млеко, тоа сепак е нераскинлив дел од нашиот идентитет.
И за тоа прашање, нема преговори! За тоа не може да решава никој, ни во името на оваа генерација, ни во името на минатите, а најмалку во името на идните поколенија Македонци, кои исто како и ние, мора да го имаат основното човеково право да талкаат во слепа улица. Понудата „во јануари во НАТО“ создава криза на идентитетот кај Македонецот. Тој, Македонецот, да ги парафразирам зборовите на Христијан Мицкоски, вели вака – кој сум јас да бидам паметен?!
Значи, друже Столтенберг, види ти дали има таму некое сценарио со десант, окупација, или нешто слично на тоа, бидејќи еве, уште сега, со голема доза на сигурност, ти кажувам дека ние нема да бидеме умни. Или барем јас не гледам начин како тоа ќе се случи.
Прво, доследно на нашата пословична недоветност, веројатно ќе го отфрлиме наједноставното и најпрактично решение – нема да успееме да формираме двотретинско мнозинство во парламентот, потребно за имплементација на договорот со Грците. Сите што треба да се потрудат, неуспехот ќе го протолкуваат како успех. На пример, ќе речат, еве сега имаме мноинство од 76 пратеници, најголемо во историјата тра-ла-ла-ла, но формално-правно тоа нема да биде доволно.
Второ, многу тешко ќе оди и онаа работа со предвремените избори. ВМРО-ДПМНЕ ќе бара избори по пржинскиот модел, што ќе рече прво оставка на премиерот Заев, па сто дена техничка влада што ќе ги подготви изборите. И бидејќи нема време за толкав мастраф, а Заев не е луд да си поднесе оставка – кој овде поднел оставка, не се вратил назад! – власта ќе се обиде изборите да ги истурка експресно и на мускули. Но, тука има квака. Спомнатиот Мицкоски, клекнат или не, ќе толкува дека ВМРО-ДПМНЕ има легитимно право да ги бојкотира таквите блиц криг избори. Е дури тогаш ќе заглавиме во длабока политичка криза!
И трето, дури и да имаме избори без бојкот, значи на крајот на ноември, кој гарантира дека новото парламентарно мнозинство ќе биде двотретинско? Оние што се курчеа дека на референдумот ќе излезат еден милион избирачи? Да имавме зад нас година и половина перфектно владеење, огромни успеси и европско поведение на луѓето на власт во секоја смисла на зборот, да, можеби ќе можевме да се надеваме на таков резултат. Вака, многу тешко…
Друже генсек, јас знам дека намерите ти се добри, а веројатно и душата ти е разгалена откако во центарот на Скопје ти стокмивме улица Столтенбергова. Убаво е кога споделуваме пријателски чувства и кога ти ни нудиш едно ново, навидум неодоливо морковче – место на масата во НАТО уште во јануари.
Ама, сфати човече, ние не сме од таа сорта! Ние сме, ние сме… ај сега да не кажувам што сме. Сетики, терај си ти по свое, друже Столтенберг. Кој сум јас па баш мене да ме слушаш?
ПС. Насловот на колумнава ми го подари колегата Злате Лозановски. Кој сум јас постојано да смислувам одлични наслови? Фала Злате…