Реално, хаотична е целата моментна политика на ЕУ кон Балканот. Земете го нашиот случај: од една страна, Комисијата во заминување дава охрабрувачки и поттикнувачки изјави и заклучоци и за Албанија и за Македонија за почеток на преговори; од друга страна, разни главни градови во Европа, од оние поважните, едно зборуваат јавно (и со поддршка и со резерва), друго подалеку од очите на јавноста, а и тоа зависи дали е претпладне или попладне и кој е и на која политичка формација припаѓа говорникот.
За Македонија нема ништо полошо од тоа да стане камен за препнување во внатрешните политики на земји како Германија и Франција. Или, уште полошо, да стане монета за поткусурување околу тоа каква европска одлука повеќе би ѝ одговарала на грчката Нова Демократија пред тамошните парламентарни избори годинава…
Во историјата на ЕУ, на највисоко политичко ниво, донесени се неколку поволни одлуки за земјите кои барале членство во Унијата и покрај „експертското“ противење на Европската комисија. Но, не се случило сите бриселски топ-функционери толку отворено да заговараат датум за почеток на преговори со Северна Македонија, а некои земји-членки да се противат и да се премислуваат, како подостарени невести пред задоцнети стројници.
Што ќе излезе од сето ова? По сè изгледа, овој месец од Европскиот совет ќе добиеме уште еден заклучок кој никој нема да може да го протолкува што, точно, значи; ќе биде полн со пофалби, ќе констатира позитивности, ќе даде „зелено светло“ за преговори, со фиксирање на некој иден датум на кој би се решавало за датумот за преговори…
Но, не изгледа дека клучниот партнер во власта во Македонија е подготвен ваквиот европски став овој пат да го „проголта“ глумејќи, за внатрешна политичка употреба, победа на својата европска политика. Напротив, се чини дека има важни сили во власта кои како едвај да чекаат, на фонот на разочарувањето од Брисел, овдека што побрзо да се оди на предвремени парламентарни избори за да се предупреди влошувањето на внатрешно-политичката ситуација во комбинација со влошениот регионален контекст.
Ваквиот можен развој на ситуацијата ќе се претвори во вообичаеното изборно „натегање“ меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, какво што сме го виделе во десетина претходни изданија. За ДУИ и нејзините опоненти дума и да не стане!
Но, можеби овој правец на движење на работите – па дури и независно од правецот – ја отвора дилемата дали во Македонија повторно не е дојдено време за покренување на некаква „трета“ политичка опција, некој кој ќе се замеша во „делењето карти“ меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ?
И без да навлегуваме во идеолошки и вредносни полемики за тоа кој е профилот на македонското политичко незадоволство – постојат за тоа готови статистики – сите проценки говорат дека тој македонски „бинарен“ партиски избор редовно „гори“ околу стотина и повеќе илјади гласови на оние кои не ги сакаат ни едните, ни другите, а се вон процентот на оние кои ништо не ги интересира. Таа евентуална гласачка мобилизација, преведено во мандати, може да биде бројка меѓу 5 и 10 пратеници кои бездруго ќе бидат клучот за формирањето на секоја идна власт во Македонија.
Се разбира, како што тоа обично бива, веднаш се поставува прашањето за тоа кој би бил лидер на таа опција? Во недостаток на прецизен одговор, прво ќе се почне со лицитирања и самопредлагања, но до некој фиљан човек, со тек на време, ќе се стигне.
А пари, има ли пари што би поддржале таков проект? И има и нема, но ќе ги има сè повеќе, како што ќе расте „лебот“ во оваа македонска политичка фурна.
Можеби една таква „интервенција“ во нашиов застоен политички модел ќе ја мрдне работата порешително кон напред, како што тоа се случува низ цела Европа, со политички сили и нови политички лидери за кои, буквално, до минатата недела не сте ни чуле.
Оти, да се вратам на „европскиот“ почеток, Заев и да предизвика предвремени избори во Македонија, тоа не гарантира дека исходот од нив нема повторно да биде, помалку или повеќе, пата-пата, со „три од карти“ во рацете на ДУИ кои пак ќе ја решаваат судбината на власта. Кому му е тоа потребно?
Извор: Цивил медиа