„Премолчував долго време, а тоа не беше воопшто лесно и едноставно за мене. Бев цел на планирани и оркестрирани напади, базирани на класични лаги и измислувања. Политиката во Македонија стана поле каде неморалните, лажливците и луѓето без етика најмногу успеваа во минатите неколку години“, напиша попладнево поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски на Фејсбук, во контекст на шпекулациите дека тој има некаква поврзаност со случајот „Монструм“.
„Долги години одредени пара-структури протураа лага дека сум бил некако замешан во случајот „Монструм“. Ми беше тешко да молчам, но знаев и верував дека еден ден сè ќе стане јасно и ќе биде чисто дека тоа беше конструирана лага за мое лично оцрнување“, напиша Вељаноски.
Неговата реакцијата доаѓа откако лидерот на СДСМ, Зоран Заев, одговарајќи на прашање поставено од родител на едно од убиените момчиња на денешното рочиште за случајот „Монструм“, рече дека не поседува, ниту видел какви било докази за инволвираност на Трајко Вељаноски во случајот „Смилковско Езеро“.
Марјан Стаменковски, сопственик на порталот ДоказМ, реагирајќи на негирањата на Заев, се огласи со пост на Фејсбук, во кој, меѓу другото, го опоменува лидерот на СДСМ да се потсети да не излегло сепак нешто од неговата уста за Трајко Вељаноски и за „Монструм“.
Со оглед дека станува збор за откритие на лажна вест што предизвикала сериозни последици на разни страни, создадени се предуслови ЗНМ, СЕММ и другите новинарски здруженија да го испитаат потеклото на овие наводи, без оглед што датираат од поодамна.