Ете до каде стигна Македонија: Иванов да мора да свикува вонредна прес-конференција за да се дообјаснува (и, замислете, да прифати да одговара на новинарски прашања!!!) по сведочењата на некаков ноторен, но детален Нинџа, алиас „Самурај“, алиас битанга од висока државна безбедносна доверба, за настаните од 27 април!
Што е уште потрагично, јавноста е поделена околу кредибилитетот на изјавите на Нинџа и на Иванов… Туго, мори, на кого да му се верува?! Тоа, само по себе, е тотален пораз за човекот кој се обраќа од говорницата на вилата на Претседателот на Република Македонија.
И двајцата, секој на свој начин, се очајници, недвосмислено вмешани во настаните од 27 април. И двајцата, секој на свој начин, направија кариери за кои не можеле ни да сонуваат во своите објективни, граѓански „изданија“. И двајцата се на залезот од тие кариери, со компликации кои се предмет на обвинителски истраги.
Сепак, Иванов во своето обраќање до јавноста излезе со еден спектакуларен став што до сега не сме го чуле: „Како претседател на Република Македонија уште пред две години укажав дека УБК е главното жариште на генерирање на сите политички и безбедносни кризи во Република Македонија. И по три години од дијагнозата на Прибе, болеста не е отстранета.“
Памти ли некој дека Иванов „уште пред две години“ – ма, кога било! – укажувал дека во УБК е „главното жариште“ за сите „политички и безбедносни кризи во Република Македонија“? Уште повеќе, памти ли некој дека на Иванов „дијагнозата на Прибе“ некогаш му била важна, бидејќи од таа „дијагноза“ произлезе СЈО, на пример?! На кој начин Иванов смета дека и самиот, интегрално и централно, не е опфатен со „дијагнозата на Прибе“ која, во суштина, вели дека и тој, формално, е заслужен за тоа што УБК со години се одржувала како валкано средство за контрола на луѓе, преку кои се контролирале политичките и криминално-профитерските процеси во државата?
Иванов денеска личи на жртва на педофилија. Го малтретирале, а тој морал да молчи, во замена за претседателските мандати, под услов да не се меша во својата работа. Многу му било тешко.
Нинџа бил една од бруталните алатки за тоа. Уличен насилник чија пара-полициска формација се користела како ултимативен аргумент таму каде што другите средства за компромитација, корупција или притисок не давале задоволителен резултат. Само што и Иванов, а и Мицкоски, сакаат да веруваат дека за таквите валкани методи не знаел Груевски, туку дека биле само во доменот на Мијалков и на неговата УБК-банда. Фирерот беше добар, целата работа ја расипа Химлер, а и неспособните како Гебелс и Геринг.
Иванов и сега се однесува како да е ТОТАЛЕН аутсајдер, човек кој на 27 април си легнал облечен во пижами порано, околу три попладне, па немал поим ни што се подготвува, ни како, а и со која цел се изведува нападот во Собранието. На пример, првпат денеска слуша (?!) дека генералниот секретар на неговиот Кабинет, Борис Јосифовски, бил присутен во „базата“ од каде што се командувале нередите. За неговиот омнипотентен советник за национална безбедност, Синиша Алексовски, вели дека баш тој ден го испратил на пат за Вашингтон, како во Скопје да не се одвивала МОНУМЕНТАЛНА национално-безбедносна криза. И во Агенцијата за разузнување, чијшто номинален шеф е самиот тој, немале поим што се подготвува. Додека, пак, во соопштението на АРМ, чијшто командант е Иванов, читаме дека остро се демантира „инволвираност во организирана форма“ на Армијата во настаните од 27 април, што значи дека другите „неорганизирани“ форми на инволвираност не се предмет на овој демант, а ни на интерес на Иванов…
Според тоа, немало никаков разговор за воведување на воена или вонредна состојба од страна на Иванов. Срам да им е на тие што се сомневаат во такво нешто, човекот до доцна вечерта на 27 април си бил во пижами, откако испил топло млеко со карамелизиран шеќер. А откога пропадна пучот, повика на политички дијалог. Не можел порано, не знаел каде му се папучите.
Но, зошто и Нинџа и Иванов – плус Мицкоски – сè уште го штитат очигледниот главен „корисник на услугите“ од тој 27-априлски безбедносно-политички дебакл, Груевски?
Едноставниот одговор е: бидејќи се сите, од глава до пети, во различни алотропски модификации, дестилиран производ на груевизмот.
Во меѓувреме, во Македонија сè уште се води жестока битка помеѓу правната држава и политиката. Победникот е неизвесен.
Извор: Цивил медиа