Кој лаже Иванов или УБК, скандалот ќе се расчистува во Собрание

1336

Службената белешка на УБК, според која, поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески, обвинет во предметот „Титаник“ на СЈО, преку посредник барал амнестија од претседателот Ѓорге Иванов, но не ја добил, и затоа може да избега, а која беше искористена како основа да му се определи притвор, отвори простор за многу сомнежи и шпекулации, но не даде ниту еден одговор дали станува збор за злоупотреба на класифицираната информација или пак за класично подметнување на фалсификуван документ.

Професорот Јове Кекеновски кој истакнува дека судија во никој случај не смее да изнесува во јавност класифицирани информации смета дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ треба итно да побараат да се одржи седница на Комисијата за надзор над работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање за да се утврди вистината, но и одговорноста за овој скандал.

– Потребно е итна собраниска седница на Комисијата за надзор над УБК со цел да се направи увид и контрола над белешката, по вчерашното соопштение на претседателот. Да видиме дали некој лаже или пак некој фабрикува лажни приказни и белешки – вели Кекеновски.

Никола Мицевски, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека се очекува да има координација на пратеничката група после која ќе се знае и ставот на пратениците од опозицијата и дали Трајко Вељаноски, кој е претседател на Комисијата за надзор над работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање ќе свика седница за расчистување на скандалот со службената белешка на УБК.

Собраниски извори велат дека седница за ова отворено прашање кое мора итно да се расчисти, може да свика и Хари Локвенец, кој пак е претседател на Комисијата за одбрана и безбедност.

– Исклучително е важно ние пратениците да добиеме релевантни и веродостојни информации за споменатата службена белешка, но тоа прашање треба да се отвори на Комисијата за надзор над работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање – вели Локвенец за Плусинфо.

На Јанакиески му беше одреден притвор по бегството на Груевски, со тврдење дека има службена белешка од УБК, во која тој преку посредник барал средба со Иванов со надеж дека ќе биде аболициран, но добил негативен одговор по што планирал бегство. Кабинетот на Иванов вчера демантира дека претседателот се сретнал со посредник на поранешниот министер за транспорт на која наводно се барала амнестија за сега притворениот Јанакиески. Во демантот на кабинетот на Иванов дури имаше и потврда дека средбата со Јанакиески се остварила во вторникот попладнето, а дека наводната службена белешка е конструкција и полициска манипулација.
Претходно, и адвокатот на Јанакиески рече дека не е точно дека посредник на неговиот клиент се сретнал со претседателот, туку дека поранешниот министер лично бил на средба со Иванов.

„Ја информираме јавноста дека ниту е побарана, ниту одржана средба со посредник на Миле Јанакиески, како што е наведено во службената белешка на УБК, класифицирана „строго доверливо“, а која е основ за определување на мерката притвор. Миле Јанакиески телефонски побара средба со претседателот Иванов која е одржана на 13.11.2018 година, вторник во 16 часот во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија. На средбата, воопшто не беа дискутирани темите амнестија, на која се повикува судот во решението за притвор, која е во надлежност на Собранието на Република Македонија, ниту пак темата аболиција“, пишува во соопштението од Кабинетот на претседателот Иванов.

Иванов смета дека во случајов се направени неколку кривични дела и побара одговори од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и од Основниот суд Скопје 1 , а од директорот на УБК објаснување врз која основа се следат активностите на претседателскиот кабинет.

 

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...