Препорака на Европската комисија (ЕК) до Министерството за правда е Државната комисија за спречување на корупцијата да има пет, а не седум членови како порано. Тоа што и други дома препорачуваа оваа институција да се реформира и осамостои, а воедно и да се намали телото, а да се зајакнат капацитетите на Секретаријатот на ДКСК – никому ништо. Нејсе, барем на ЕК да ѝ се слуша гласот…
Со намалување на бројот на членовите на ДКСК се заштедуваат пари, но тоа не е ни важно, нели? Парите се народни, а народот не штеди, нели? И навистина, една држава што сака успешно да се бори против корупцијата, не смее да штеди за таа намена. Но, државата не смее и да ги расфрла парите – став што стана патетичен и здодевен од што никој не го слуша – тажна балканска судбина…
Намалувањето на бројот на членови на ДКСК значи и поголема ефикасност и брзина во одлучувањето. Намалениот број на овие функционери значи и помала можност за партиски интервенции. Значи, парите и не играат голема улога тука, колку и да се важни. Се работи за ефикасност во борбата против корупцијата. Но, кому му е грижа за тоа?
Министерството за правда, задолжено за изработка на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, навистина го намали бројот на членови на ДКСК на пет во една од верзиите на законот, но потоа ја врати старата состојба од седум членови. Зошто? Во Правда не кријат дека тоа е направено под притисок на „коалициониот партнер“ (читај: ДУИ). Образложението е „правична застапеност на етничките заедници“.
Оваа ситуација открива повеќе сомнителни моменти. Ако Ахмети бара проширување на ДКСК за два члена, тоа лесно може да значи дека петте членови според претходната верзија на законот се веќе познати. Не може, а да не се наметне впечатокот дека Ахмети, поранешен коалициски партнер во режимот на Груевски, сака да си намести двајца свои (а со тоа и на Груевски) „антикорупционери“.
Според законот што деновиве е заглавен во собраниска процедура, членовите на ДКСК ќе се бираат на конкурс, а во комисијата ќе седи одбор јунаци од новинари, невладини, МАНУ… Потоа, конечниот избор и назначувањето го прави Собранието. Нема никаква логика да се бараат седум членови, ако конкурсот не е наместен. Телата вклучени во изборот на антикорупционерите можат да ги задоволат критериумите за правична застапеност, како етничката, така и родовата (!) и со петчлено тело. Нели?
Ахмети бара „правична застапеност“, за што Владата очигледно покажува слух, наспроти препораките од Европска Комисија и од домашните независни аналитичари. И со сите останати дубиози што оваа постапка ги носи со себе…
Законот, а со тоа и (ре)формирањето на ДКСК е заглавено и од амандманите на ВМРО-ДПМНЕ, тоа истото што ја претвори корупцијата во систем, длабоко втиснат во секоја пора од државата, општеството и животот. Но, добро го знаеме и тоа. Еден од амандманите, замислете си, се однесува на нивното противење ДКСК да има увид во сметките на функционерите. Според нив, доволно е УЈП да води сметка за тоа. „Забораваат“ дека УЈП има увид и толку, а ДКСК би имало ингеренции да ја следи (во живо) промената на имотната состојба на функционерите и да поведува истражни постапки. Тоа, според вемеровците, не е добро. Се согласувам со нив. Тоа не е добро за нив. И за многу други… Сигурен сум дека нивната идеја наидува на тивко добредојде на сите страни од политичката турлитава.
Вемерото бара и да се избрише и ставката во законот со кој се забранува член на ДКСК да биде поранешен политичар, пратеник, министер, донатор на политичка партија… Па, се разбира дека се противат на тоа, што е тука чудно? Расипано е, но не е чудно, знаеме сите.
Вемеро бара и ДКСК да нема ингеренции во следењето на финансирањето на политичките партии. Според нив, доволно е тоа прашање да го покрива Државниот завод за ревизија (ДЗР). Да потсетиме, ДЗР им откри дупка од 3,5 милиони евра за изборите во 2011 година и – никому ништо! Како и да е, логиката на вемерото е во прашањето: „Што има ДКСК да се занимава повеќе и подлабоко со тоа како се финансираат политичките партии и изборните кампањи?“ Навистина, мислам дека се во право. Најдобро е со закон да се уреди контролата на финансиите на сите политички партии, освен за ВМРО-ДПМНЕ! И тогаш, законот ќе биде откочен и Македонија ќе поита во своето добро познато славно минато, а не некоја си влада овде да ја промовира неизвесната „македонска иднина“.
Во март се навршува една цела година од нецелосното функционирање на ДКСК. Таму отсекогаш, па и сега, работат дваесет и двајцата вработени во Секретаријатот. За мали плати, со многу одговорности.
За нелогичностите и дискриминацијата во конституирањето на Антикорупциска и во законот, во следната епизода на Жолтко и Лутко.