По речиси еден месец откако Никола Груевски преку Фејсбук ѝ се „пријави“ на македонската јавност дека е во Будимпешта наместо во затворот во Шутка, повторно преку социјалните мрежи, овојпат британски новинар, објави дека „го фатил жив“ како се шета низ унгарскиот главен град.
Меѓутоа, Груевски не е сам. Во негова близина има уште едно лице, кое наликува на Александар Трајковски, советник на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Гази Баба кој на експремиерот му прави друштво и на обвинителна клупа во случајот „Насилство во Центар“ на СЈО.
Дали лицето со јакна која наликува на таа што Трајковски ја носи на фотографии на неговиот профил на Фејсбук, е токму тој, во текот на денот не можевме да добиеме потврда од него. Телефонскиот број му е исклучен. Засега единствената потврда е од Даниел Дан Нолан, британскиот новинар кој на Твитер ја објави фотографијата.
Досега не се појавија ниту информации кога тие се „фатени“ во Будимпешта. Според нашите информации, Трајковски во последните две недели немал обврски во Општината како советник бидејќи не се одржувале ниту седници на Советот ниту на комисиите, период во кој немаше ниту закажани рочишта во Кривичниот суд за предмет каде тој е обвинет.
Против него како обвинет од СЈО, нема изречено никакви мерки на претпазливост што значи дека тој може слободно да патува.
Дали Александар Трајковски има некаква поврзаност со бегството на Груевски од Обвинителството најавуваат проверки по објавената фотографија. Оттаму посочуваат дека ќе се утврдува од каде е и кој ја сликал, како и оти ќе бидат повикани сите за кои се смета дека можат да дадат одредени информации во врска со бегството.
Меѓутоа, Трајковски последен пат беше актуелен во јавноста токму во врска со искажување поддршка за избеганиот премиер. Додека Груевски се подготвуваше за бегство, на 7 ноември, пред Кривичниот суд се организираа протести под мотото „Правда за Груевски“.
Трајковски беше еден од говорниците и во име на демонстрантите тогаш порачуваше дека самоиницијативно се организирале како членови на ВМРО-ДПМНЕ со цел да упатат порака да запре политичкиот прогон против нивниот поранешен лидер.
Покрај за Груевски, Трајковски важи и за силен поддржувач и близок со други функционери од поранешната власт. На јавната седница која неодамна се одржа во Апелациониот суд за притворите на Миле Јанакиески и на Кирил Божиновски, тој беше меѓу дваесеттината лица кои дојдоа да присуствуваат на седницата како дел од јавноста.
Во првите борбени редови на протести, тој беше и во летото 2013 кога беа организирани насилствата кај општинските бараки на Центар кога се кршеа огради и прозори, се маваше кон советниците и тн. Тие протести наводно беа против запирање на изградбата на црквата „Св. Константин и Елена“ на улицата Македонија. За овие настани во тек е судски процес во кој меѓу обвинетите се и Груевски и Трајковски, како и Миле Јанакиески и Даниела Рангелова, а СЈО во обвинението наведува дека протестите всушност се организирале заради лукративни причини, односно за да спречи бришење на ДУП-от за просторот познат како „Мал ринг“ и на други урбанистички планови.
Трајковски е обвинетиот во „Насилството во Центар“ за кого обвинителката Фатиме Фетаи од СЈО на едно од последните рочишта бараше да го приведат. Тој не се појави на судење бидејќи имал седница на Советот, а обвинителката сметаше дека целта е само одолговлекување на постапката.