Кој е кртот што шпионира детали за вештачењата на МВР ?

8706

Автомобилот кој во минатата недела беше опожарен во Автокоманда, откако двајца на мотор фрлија молотов коктел, е доказен материјал во постапка што ја води полицијата во врска со заплена на 50 килограми марихуана, вели МВР за Плусинфо.

Возилото беше нападнато додека со шлеп служба било превезувано на вештачење кон Министерството за внатрешни работи. МВР тврди дека не е уништен ниту еден доказ и дека возилото било само делумно оштетено.

Полицијата се уште трага по двајцата на мотор кои на 10 јули во 14,35 часот на булеварот „Александар Македонски“, додека се превезувал запленетиот „пасат“ со словачки национални ознаки , во еден момент фрлиле молотов коктел и побегнале.

Во врска со обидот да се уништат доказите во „пасатот“, побаравме одговор и дали МВР води истрага како се случило информацијата за денот и времето на вештачењето на возилото да стаса до моторџиите што го фрлиле молотовиот коктел ?

МВР за Плусинфо вели дека презема мерки и активности за целосно расчистување на настанот, но не открива  детали за тоа како била пробиена информацијата за транспортот на возилото во кое била запленета дрога, а кое беше мета на молотов коктел.

-Возилото кое се превезуваше со шлеп служба на вешташење во МВР е доказен материјал во постапка поврзана со кривична пријава објавена на сајтот на МВР за заплена на околу 50 килограми опојна дрога марихуана. По целосно расчистување на случајот и пронаоѓање на сторителите ќе биде поднесен соодветен поднесок. Потенцираме дека при настанот не е уништен ниту еден доказ кој би ја попречил понатамошната истрага на МВР – велат од Министерството за внатрешни работи.

Овој инцидент фрла сомнеж дека некој во МВР оддава информации со кои сериозно може да се загрози истрагата, што во случајот, како што тврди Министерството за внатрешни работи, сепак не било сторено.

Педесетте килограми марихуана полицијата ги пронајде на 9 јули рано наутро околу 3,30 часот во возилото „пасат“ кое било сопрено на патот од Струмица кон селото Добрашинци. Очигледно станува збор за добро организирана група која откако полицијата уапси еден од осомничените во Струмица, се вооружа со молотов коктел и во Скопје од каде што и била испорачана дрогата, се обиде да ги уништи доказите.

За случајот е поднесена е кривична пријава против Д.Т. (33) од село Владевци од општина Василево, К.К (26) од село Селемли, општина Богданци, како и против уште едно, засега непознато лице, поради постоење основано сомневање дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.

Дрогата била најдена кај второпријавениот Д.Т. кој е уапсен, а како што информира МВР, тој ја зел марихуаната од првопријавениот К.К.

Полицијата открила и дека дрогата била доставена од Скопје, од засега непознато лице кое што управувало патничко моторно возило „VW-Phaeton“ со чешки регистарски таблички. Струмичката полиција пред да биде оштетено возилото во Скопје информира и дека презема  дополнителни и интензивни активности за лоцирање и лишување од слобода на првоосомничениот К.К., како и идентификување на непознатото лице, возач на возилото, кое е пронајдено во Кратово и предадено за крим-техничка обработка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...