Кој е Виктор Орбан – пастирот на унгарската нација (2)

Со „политичкиот азил и доброволното киднапирање“ на Груевски,Орбан покажа до која мера е неговата политичка нескромност и бескрупулозност.

3358

Пред триесетина години Виктор Орбан, бил млад амбициозен револуционер и атеист. Денес тој е „најсилниот Унгарец“, големиот „Виктатор“ и бранител на христијанството. Неговите диктаторски методи се силна инсипрација за сите лидери на екстремната десница во Европа и на Балканот. Пред извесно време европскиот Парламент најави дека ќе го казни, меѓутоа Орбан може мирно да спие. Малодушната ЕУ нема ниту сила ниту ингеренции, исто како со случајот за „азилот на Груевски“. Орбан прави чекор повеке искажувајки сомнеж кон ефикасноста на ЕУ : „Порано мислев дека ЕУ е нашата иднина. Денес мислам дека ние сме иднината на Европа“. Во перцепцијата на Орбан, ЕУ се трансформира во омилена „боксерска вреќа“ за вербален тренинг. Воедно главниот град на Европа, Брисел реторика доби епитет на „Еуроблабла“. Сепак Орбан не е наивен. Како добар глумец, свесен дека не смее да ги помине црвените линии, одвреме навреме подготвен е да прими критики, да ги доживува мирно или со иронија. Храбро го издржа и потсмевот на Жан Клод Јункер, кој цинично го поздрави со „Здраво Диктаторе!“. Тоа е разбирливо бидејки е свесен дека 70% од Унгарците се за останување во членството на ЕУ, а патем во 2017година Будимпешта доби помош од ЕУ од 6,8 милијарди евра.

Владата на капитенот Орбан – како фудбалски тим

За време на изборната кампања од 2010 ја наметна тезата за „новата национална револуција“, револуцијата на душата, револуцијата на изборните кутии и ренесансата на нацијата. Опсесивни принципи на оваа идеологија според виктаторот беа: трудот, домакинството, семејството, здраството, поредокот и дисциплината. Изборниот слоган на неговата кампања беше „Хајра Маџаршаг“, инспирирана од Берслускониевата „Форца Италија“. И нашиот Груевски во изборите ја следеше истата инспирација со слоганот „Силна Македонија“. Како упорен популист, некогашниот атеист, почна да заговара „хомогенизација на христијанска Унгарија“, повторувајќи на јавните настапи: „Само слава за Господ-Seli Deo Gloria“. Слично на Груевски и Вучиќ, Орбан масивно ја помагаше унгарската црква а верските симболи и иконографии ги претвори во заштитен знак на неговата политика. Како поранешен фудбалер, Орбан состави влада од 11 министри и слично на фудбалската екипа, тој се самопрогласи за капитен на владиниот тим. Неговата политичка култура е едноставна но и внимателно промислена. На теренот се однесува како „груб селски фудбалски бек“, игра тврдо, на ѓон и силно ги критикува урбаните профили кои постојано гледаат кон западните демократии, либерализмот и социјалдемократијата. Од друга страна со упорниот популистички перфоманс постојано ја истакнува „величината на унгарскиот селанец во кого се концентрирани вечните и вистински вредности на Унгарија“ и „здравите потенцијали на општрството“.

Ксенофобијата и екстремизмот на Орбан

Политичката старегија на Орбан е прифатлива за сите видови екстремизми. Најмоќната екстремна партија во Унгарија е Јобик, чии лидери сметаа дека со Орбан на власт и во коалиција, ќе успеат да ги имплементираат сите нивни „нацистички матрици“. Ксенофобичниот третман на Ромите и Евреите во Унгарија, јавните напади и заговарања на ксенофобијата, насилните протерувања и физичката елиминација го потврдија ектремизмот на Орбан. Во серијата ксенофобични потези на Орбан се смета доделувањето на највиското државно одликување за новинарот Ференц Шаничи, кој во своите колумни Ромите и Евреите ги споредуваше со мајмуни. Го одликува и уметникот Јанош Петрас, член на екстремната десница и подржувач на пара-воените формации одговорни за неколку убиства и протерувања на Роми и Евреи. Патем партијата Јобик отворено се повикува на наследствата од времето на унгарскиот нацизам и непречената употреба на нацистичкиот симбо Свастика, за да им додаде омаж токму на оние кои учествуваа во депортацијата на унгарските Евреи и Роми за време на Втората светска војна.

Изборните манипулации на братството Орбан-Груевски

Денес, Виктор Орбан останува најпопуларниот политичар на Унгарија. По победата на парламентарните избори, во инаугуралниот говор ќе воскликне: „Ние сме најобединетата земја во Европа“. Аналитичарите сметаат дека Орбан многу внимателно ги подготвувал изборите. Тој целосно го адаптирал изборниот систем во полза на неговата партија Фидеш која и натаму го форсира десничарскиот национал популизам. Претходно со скалпелска прецизност ги моделирал изборните единици со цел поефикасно да ги изолира гласачите на опозицијата. И конечно наместо да се одлучува во два изборни круга, решил да се гласа во еден круг. Во таквиот изборен модел, основното изборно правило гласи: „најважно е да се биде прв, без потреба да се соберат 50% од избирачкото тело“. Орбан во суштина генерира едно ново дотогаш невидено изборно правило меѓу европските демократии. Тоа е давање на „апсолутен бонус“ на партијата која е на чело. „Со 48% од гласовите, Орбан заработи 67% од мандатите во Парламентот. Според мислењето на експертите, со употреба на опишаните изборни алатки, Орбан би бил апсолутен победник на сите повекепартиски избори во Унгарија од 1989г наваму. Слична изборна квака поседуваше и Груевски сѐ до откривањето на аферите на прислушување, разоткривањето на изборните измами, двојните изборни штабови во МВР, фалсификатите, гласачите од Пустец…Каде ли ќе му беше крајот на Груевски доколку не беа разоткриени методите на неговиот ментор од Унгарија. Според политиокологот Габор Торок „масовната победа на десницата во Унгарија не била израз на желбите на унгарскиот електорат туку резултат на фазонираните изборни марифетлуци со кои систематично биле манипулирани гласачите“.

Орбан е нацијата-нацијата е Орбан а сето тоа е Унгарија

Благодарение на вродениот талент за комуникации и ораторство, Орбан си направи блескава кариера. Тој успешно играше со емоциите на Унгарците, представувајќи се како голем бранител против самоволието на Брисел и монополот на банките. Овој тактички медикамент го вкрстуваше со улогата на историските претци кои се побуниле против империјализмот на Хабзбурговците од 1918 без да води сметка за добрососедството со Беч. Неговиот политички профил постепено инклинира кон едно мини-путиновско издание со постојана опседнатост за целосна контрола на институциите и се што опфаќа системот на „кочници и рамнотежа“. Впрочем таквите системски аномалии и ние во Македонија ги почуствувавме меѓу 2008 и 2016. Независно од критиките, Орбан е се повообразен и своеглав во сопствениот авторитарен занес. Со „политичкиот азил и доброволното киднапирање“ на Груевски, покажа до која мера е неговата политичка нескромност и бескрупулозност. Психологот Г.М.Тамаш настојува да ги објасни таквите гестови на Виктор Орбан: „Орбан има огромна верба во сопствената звезда, во сопствениот его..Кога е во занес тој се идентификува со нацијата…нацијата тоа е Орбан..Унгарија тоа е Орбан..“. Кој знае, можеби еден ден ќе еволуира во еден друг супер стар-Исус Христос, пастирот.

Гуруто Артур Филкенштејн-главен советник на Орбан

Зад сенката на Орбан стои цел еден тим предводен од американскиот гуру за комуникации Артур Филкенштејн, советник на поранешниот претседател Никсон. Филкенштејн е специјалист за „негативна кампања“ против американските демократи и ЛЏБТ заедницата. Тој е и еден од родоначелниците на Орбановата кампања против бездомниците, за укинување на социјалната помош за најзагрозените слоеви, најчесто Ромите. Орбан воведе задолжителни јавни работи за бездомниците, а идејите ги позајми од програмата на Јобик чие основно гесло беше: „Што повеќе одиме кон десно, ние сме толку подобри!“
Во училиштата, младите Унгарци во лекциите по историја учат дека, земјата им се спротиставила на Турците, Австријанците и Советите. Кога во 2015 границите на државата ја поминаа 400 000 емигранти, В.Орбан брзо се пресметал на кој начин може да го искористи овој миграторски бран. Тој објавува дека една нова, четврта „окупација“ е на повидок. „Тие ги рушат нашите порти, а Брисел не нѐ брани“. На крајот на 2015. изградил бариера на јужната граница долга 175 метри и го смалува бројот на мигрантите за 95%. Неговата анти-мигрантска реторика функционира перфеткно. Во 2018 година унгарските пратеници гласаат и закон кој „забранува помош во храна или вода за мигрантите, со закана за кривична одговорност“.

Слично на македонската приказна, и во Унгарија најпрофитабилното инвестирање е инвестирањето во добрите односи со владата на Орбан. Бројни договори се заклучени без тендерска постапка и во принцип секогаш истите фирми ги добиваат профитабилните тендери.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...