„Социјалистите се најголемите непријатели на слободата! Мои најверни следбеници се пензионерите и вистинските унгарски семејства“ – изјави Виктор Орбан, апсолутниот победник на последните парламентарни избори во април 2018 во Унгарија. На митинзите неговите со презир ги навредуваа Ромите по расна основа и скандираа „ Да ги уништиме циганските животни“. Орбан уживаше во славата и хипер-патриотизмот на „националистите и носталгичарите за Голема Унгарија“. Го обожаваат и посиромашните слоеви од руралните средини, „оние што се будат рано наутро, што работат тешко и мирсат на пот и што бескрајно веруваат во Господ“.
Неговата изборна коалиција Фидеш-КДНП освои апсолутно мнозинство и поседува квалификувано 2/3 мнозинство во Парламентот. Во функција на кампањата, старо/новиот премиер ги зголеми пензиите, ги намали кириите и цените на струјата и водата за јавните станови за 20 проценти, и ги удвои алокациите за второ и трето дете. Како по обичај, не се појавува на јавните дебати со лидерите на опозицијата, лекција што долго ја применуваше и неговиот ученик Груевски. Оваа политичка приказна е препознатлива на Балканот од Вучиќ и Додик до Груевски. Кој е всушност Виктор Орбан, контроверзниот премиер на Унгарија и близок пријател и спасител на Никола Груевски?
Орбан-фоторобот помеѓу малиот Путин и уште помалиот Берлускони
Орбан е еден од најкритикуваните лидери на ЕУ, како од страна на Вашингтон и Брисел, така и од страна на Меркел и Макрон. Во европската престолнина го сметаат за најголемиот антилиберален популист и најконзервативниот националист и автократ во Европа. Унгарските интелектуалци го доживуваат како национален популист кој бескрупулозно владее со јавниот, политичкиот и економскиот живот на 10 милионската Унгарија. Новелистот Џерџ Конрад го дефинира како спој на малиот Путин и уште помалиот Берлускони. „Тој е етатист кој настојува да раководи со политиката, стопанството, медиумите, а напоредно и со извршната, судската и законодавната власт. Експертите за политички систем неговиот метод го нарекоа “демократура“, кованица од изразите демократија и диктатура. Слично на големите нарцисоидни африкански демагози и деспоти и Орбан милува да биде одликуван, декориран, мазен, возвишуван. Разбирливо и неговиот македонски alter ego, Груевски кога беше на власт му сугерираше на услужниот Иванов да му го додели највисокото македонско одликување, што беше прифатено со „солзи радосници“ од страна на последниов.
Орбан од дисидент до популист
Она што најмногу ги фрапирало познавачите на политичките состојби во Источна и Централна Еропа како Жак Рупник е политичката еволуција на Орбан од дисидент до популист. Рупник пишува: „кога го запознав во текот на осумдесетите, беше младински лидер на движењето FIDESZ. Во 1989 на Плоштадот на Хероите во Будимпешта, луцидно бараше итно заминување на руските сили од Унгарија и слободни повекепартиски избори. Како либерал, во текот на 90-тите не ја вадеше од уста Европската Унија. Денес едвај го изговара називот на оваа институција. На брифинзите со амбасадорите во Будимпешта или на ТВ интервенциите во неговиот кабинет или партиско седиште, ги избегнува симболите и знамето на ЕУ“. На тој начин некогашниот центрист постепено инклинира кон национализмот и екстремизмот. Оваа еволуција ја оправдува со наводниот совет што го добил од страна на германскиот политичар Хелмут Кол: „ ако решиш да направиш партија инспирирана од германскиот демохристијански модел, тогаш не смееш да оставиш простор на ниту една партија која би била подесно од твојата“.
На изборите во 1998, Орбан е избран за Премиер на Унгарија и на тоа место останал до 2002. Во оваа епоха ги оживеал демоните од минатото за Велика Унгарија, создадена со Тријанонскиот договор од 1920г. Мошне брзо сватил дека за мнозинството Унгарци, како и кај нас во Македоноја и на Балканот, историјата и митовите имаат многу поголемо значење и емоции, отколку евро-атланските вредности. Инспириран од Балканските искуства, Орбан ги анимирал унгарските малцинства во соседните држави покажувајки големи дози на агресивен национализам и популизам. На парламентарните изборите од 2002г Орбан ја губи власта осум години поминува како лидер на опозицијата до 2010.
Орбан-изација на Унгарија
Она што го пропуштил во врска си дијаспората за време на првиот мандат, Орбан го реализирал на почетокот на вториот мандат. Во 2010 доделува 500 000 патни исправи на Унгарците од Словачка, Романија, Хрватска и Србија. Можеби токму од таму потекнува и “синдромот Пустец“ на Никола Груевски кој ги користеше како ефтин изборен квиско Македонците од Албанија. За Виктор Орбан, унгаризацијата кон соседните држави представувала духовна ревизија на Тријанонскиот договор. “ Ние ги валоризираме вистинските Унгарци во и вон Унгарија и секаде каде што живеат вистнски Унгарци“. Во таквиот епско-митолошки наплив, Орбан се врти кон “романтичните “ времиња од дваесетите години на минатиот век и проектот на мировниот договор, кој го заживува во 1940. Тогашниот унгарски регент Миклош Хорти, наводно понесен од големиот унгарски проект стапил во коалиција со нацистичка Германија на А. Хитлер . Инспириран од жарот на великоунграската идеја, Орбан настојува да конзумира што повеке историја. Тој ги величел храбрите унгарски СС-дивизиите и холокаустот, а воедно обновил бројни нацистички традиции од минатото на тогашна Унгарија. Ги обновил и одликувањата од времето на квинслингот Хорти а во името на популистичката идеја, ја преместил и круната на првиот унгарски крал Св. Етиен од државниот музејот во зградата на Парламентот.
Харизматичниот трибун Орбан, поранешен спортист вели дека „политиката ја научил во фудбалските соблекувални“ а не како Груевски во „боксерските соблекувални“. Без никакви комплекси истакнува дека потекнува од село, дека ја сака народната кујна и здравиот селски живот. И покрај зголемената килажа, повремено игра фудбал, а тогаш до израз доаѓаат неговите црвени образи и јаки вилици. Ужива и во речениците со двојно значење во кои се пронаоѓаат и ектремистите и конзервативците. По изборниот пораз од 2006 од страна на унгарската левица изјавува: „татковината не смее да е во рацете на опозиција, местото на патриотите е во власта“.