Кој е Виктор Орбан – Дали Груевски си ја купи визата за 300.000 евра? (3)

6451

Не сум сигурен дали домашните криминалци од Македонија од Балканот или пошироко се информирани дека, „доколку поседуваат 300.000 евра, можат да добијат долгорочен престој во Унгарија“. Предност имаат оние кои се специјализирани во „организираниот криминал и перењето пари, и изградиле поголема меѓународна репутација“.

Дури и мигрантите против кои политичкиот виртуоз Орбан ја подигна високата гранична ограда и ги третираше за „освојувачи“, можат да си го откупат престојот во Унгарија. Парадоксот да биде поголем, Унгарија, моделот-држава на Виктор Орбан, и покрај жестоките мерки и драконски казни против имигрантите од Ирак, Сирија, Африка, Авганистан сепак е држава на „добредојде“ за азилантите дури и да се муслимани или криминалци. Единствен услов според законот од 1 јуни 2013 наречен „златна виза“ е да уплатат 300.000 евра како планирани инвестиции во Државниот трезор на Унгарија. Со тоа се здобиваат со право на престој во државата и слободно движење низ цела Европа. Иако таквите системи постојат насекаде низ светот, унгарскиот случај е специфичен. Имено странците уплаќаат пари во off shore компании, кои им наплаќаат 50 до 60.000 евра во готовина за „управување со прохибиционите трошоци“, објаснува Тамаш Видерман новинар на Маџар Неметц.

Од своја страна државата им плаќа на одбраните компании четири пати поскап интерес од цените на пазарот за овој вид „административни услуги“. Инаку петте компании кои се занимаваат со „златните визи“ биле селекционирани од страна на Антал Роган, пратеник на Орбаниот Фидеш кој воедно е и творец на оваа профитабилна програма. На тој начин она што некои западни аналитичари го нарекуваа „корупција“, Орбан го нарекува „владина стратегија“.

Прилив од над половина милијарда евра од „златните визи“

До средината на август 2017 точно 3917 корисници на платени визи биле регистрирани во Унгарија. Овие мигранти ефектуирале прилив на лични „директни инвестиции“ од над 310 милиони евра. Денес бројките се можеби удвоени а во таа маса претпоставуваме влегува и скромниот придонес на нашиот Никола Груевски. Ете неговото огромно искуство во привлекување странски инвестиции од скапите туристички road show-а, директно ги имплементира во својата нова татковина.

Искуствата покажуваат дека унгарските „златни визи“ не водат сметка за тоа каква е верската, политичката или кривичната вокација на корисникот. Не е битно дали потекнува од Блискиот Исток, Авганистан или Балканот. Битно е да се богати, да ги уплатиле бараните евра и да го почитуваат поредокот на државата домаќин и особено да ја прифаќаат политиката на нивниот домаќин Орбан. Доколку корисникот е афирмиран и со богато финансиско портмоне, може јавно да биде заштитен од страна на обезбедувањето, од провладините медиуми, од пратениците на Јобик и Фидеш, па дури и лично од премиерот Орбан. Впрочем тој и самиот ја повтори онаа сицилијанската дека „никогаш не ги заборавал пријателите“. Меѓутоа, Орбан заборави да истакне дека „уште помалку ги заборава непријателите и критичарите на неговата политика“.

„Јадење бурек“ на унгарски начин

Од 2010 Виктор Орбан им препушти на неговите сојузници да го истакнат значењето на контролата на медиумите. Постепено некогашните независни електронски медиуми, и таблоиди почнаа да згаснуваат или да потпаѓаат под негова контрола. Да се потсетиме дека во исто време и во Македонија беше насилно затворена независната А1, а контролата врз останатите медиуми, „јадења буреци“ и останати квази новинарства доживееја вистински бум. Најзначајно за тогашните медиуми кои денес „се демократизираа“ беше фиксацијата да се создаде „фантазмагорична слика“ за македонскиот пастир „дека тој е секогаш во право“.

Но и унгарскиот пастир не заостануваше зад доградбата на сопствениот мит. Во интервјуто за париски „Монд“ се однесувал необично скромно и рационално: „јас имам еден вид говор за Унгарците а друг вид говор за вас од Запад“. При тоа со популистички тон додал една мисла од Гебелс дека „масите не сакаат да слушаат комплицирани и тешки реченици, туку кратки, јасни и лесни“. Кога го споредуваат со Путин, Орбан одговара: „Јас управувам со многу помала држава“, но „сметам дека актуелната политичка состојба има потреба од енергични политичари“. Во добрите времиња „Европа беше раководена од институциите или меки и фини личности… денес ние имаме потреба од персонална власт, од силни индивидуалци.“ истакнува Орбан. А врз ликот на таквите лидери не би требало да се дозволи претерана критика во медиумите.

„Заборавив да го заклучам Орбан со двоен катанец“

Во август 2017 го затвора еден од последните опозиционии канали „Хир ТВ“. Истиот ден наутро новинарите прочитале листа на новинари и службеници кои биле непожелни да останат на работа, објаснува реализаторот Балаш Ланг.

„Вечерта беше анулирана и мојата емисија и заменета со говорите на Орбан“. Паранојата триумфира кога еден таблоид близок до власта објавил листа од 200 имиња на „платеници“ кои наводно планирале да извршат „пуч“ како оној кога Груевски го обвини Заев. Во унгарскиот случај „пучистите“ имале намера да ја сменат владата на Орбан со про-имигрантска влада.

Овој анимиран филм беше нелогичен, но наместо да ја заташка, Орбан, како нашиот Никола уште повеќе ја заостри фабулата и заканите. Орбан проблемите ги решава едноставно со малку или со многу пари. Штом ќе чуе и најмала критика од интелектуалците тој ги остава без средства и простор. Неодамна го разреши познатиот режисер Арпад Шилинг, му ги прекина субвенциите и му забрани да работи со формацијата на децата во средните училишта. Иронијата да биде поголема Шилинг бил окарактеризиран како „сериозен ризик за безбедноста на државата“.

Деновиве во бројните сатирични досетки е и онаа која се однесува на пожарот во кабинетот на Орбан. Кога неговите најблиски виделе дека избувнал пожар, неговиот алтер его Ласло Ковер, со трчање влегол во кабинетот и го спасил историското државно знаме. Потоа влетал директорот за комуникации Антал Роган кој ризикувајќи го животот ги изнел торбите полни со пари. На крајот излегла и чистачката која не носела ништо. Ја запрашале: дали вие нешто заборавивте внатре? Да, заборавив со двоен катаец да го заклучам премиерот“.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...