Кој го руши Зоран Заев?

Како и сите други партии, СДСМ денес е султанска партија. Тоа е партија без партиски живот. Без внатрепартиски тематски дебати. Без внатрепартиска демократија. Без систем на кој кадрите природно ќе растат во партијата, ќе ги промовираат своите погледи и идеи и потоа ќе ги докажуваат своите квалитети и способности. Во ваков СДСМ, Ајнштајн да се роди, веројатно ќе помине незабележано и нема да дотурка до општински советник. Затоа, сосема спротивно на идиотските совети да заведе „режим“ во партијата, најважно е лидерот да го демократизира СДСМ, да го ослободи од стегите на кариеризмот, од лактањето и од голата борба за власт, од тоа зло што објективно го руши и на крајот и ќе го сруши Заев, ако тој не му застане на патот.

11112

Дами и господо, другарки и другари, помина возбудата околу изборите и редно е сега да одговориме на прашањето кое сѐ почесто и јавно се поставува – кој го руши Зоран Заев?

Чувствувам и лична обврска да се обидам да одговорам на тоа прашање, бидејќи по една очигледна нарачка од опскурната пропаганда што на Заев упорно и јавно му нуди поддршка и одбрана од „напаѓачите“, јас веќе и јавно сум маркиран како „носител“ на некаков наводен ПР-проект со кодно име „Руши го Заев“. Таа подмолна конструкција ја разбирам како повод да кажам некои работи што требаше да се кажат многу одамна, а ги загатнав во мојот последен настап на телевизијата Канал 5.

Значи, навистина, кој тоа се обидува да го урне Зоран Заев? Кој ја бара „политичката глава на Заев“, како што плачат апологетите? Кој бара СДСМ да падне од власт? Кој придонесува Заев да ослaбне и да му се нанесе штета?

Ни ВМРО-ДПМНЕ не сака да го урне Заев, без да падне СДСМ

Пред сè, мојот впечаток е дека до овој момент, никој надвор од СДСМ и никој надвор од круговите што црпат влијание и моќ од власта (вклучувајќи тука и дел од некогашниот невладин сектор што хокеарски се прешалта во владин), во овој момент нема ни интерес, а ни храброст да се обиде да го урне Зоран Заев. Покрај сите негови слабости и лоши потези, за кои често јавно го критикувам, Заев сè уште останува икона на револуционерната промена на власта во Македонија и неспорен лидер на ослободувањето од еден ненароден режим и на позитивните промени што во овие две и пол години ја извлекоа Македонија од меѓународната изолација.

Ќе ви прозвучи малку чудно, но јас тврдам дека по претседателските избори, кои покажаа алармантно осипување на поддршката на електоратот за СДСМ и доминантно опозициско расположение, ВМРО-ДПМНЕ исто така нема интерес да ја бара „политичката глава на Заев“, односно да го сруши, а со цел СДСМ да избере нов лидер. Вака исфрустрирани и раскарани, социјалдемократите, „шарените“ и сите други цицачи на привилегии, како една заедничка конфузна формација, се противник каков што ВМРО-ДПМНЕ посакува за следните парламентарни избори. Да, партијата на Христијан Мицкоски е охрабрена и има цел да го урне митот за Заев, но само ако тоа доведе до пад на СДСМ и до смена на кормилото. Впрочем, тоа е легитимна цел на секоја партија.

Надвор од овој легитимен мотив на опозицијата да дојде на власт, јас не гледам други партии, организации, групи или поединци, со капацитети и со мотиви да се „тепаат“ со Заев. Новиот претседател Стево Пендаровски, на пример, нема таков мотив, бидејќи тој беше кандидат на СДСМ и на ДУИ, а од водечките кадри во СДСМ најголема поддршка доби токму од Заев (другите сдсмовски ведети му беа скиселени противкандидати и тоа не можеше да не се забележи во текот на кампањата). Претходникот на Пендаровски, Ѓорге Иванов, е целосно во аут, свенат фикус со завршена политичка кариера. Поранешниот претседател Бранко Црвенковски остана доследен на својата определба да остане надвор од политичката игра. Не гледам ни бизнис или финансиски моќници со амбиции да го загрозат Заев, во околности кога владата е водечки бизнис-партнер на секоја позначајна компанија во земјата.

Ќе поведе ли Заев политика на цврста рака?

Е сега, анализата ќе се усложни ако насловното прашање се дополни, па се постави вака – има ли во СДСМ и во власта луѓе или групи со амбиции да го урнат Зоран Заев и да го заземат неговото место? Мојот најпрецизен одговор на ова прашање е следниов: не знам, не верувам, но имам некои свои дилеми и сомнежи.

Зошто не знам? Многу едноставно, откако е Заев на власт, освен со него во неколку наврати, јас со никого од водечките луѓе на СДСМ не сум разговарал за состојбите во таа партија, за односите во владата и за слични теми. Со најголем дел од тие луѓе речиси и да се немам видено. Со Радмила Шеќеринска и со Оливер Спасовски, на пример, воопшто немам остварено средба во четири очи, откако се министри. Со Роберт Поповски сме разговарале неколкупати, но на теми поврзани со медиумите. Два-три пати сум се сретнал со Петре Шилегов, но и со него сме разговарале за други прашања. Не сум разговарал со други министри, со пратеници, со коалициските партнери на СДСМ (не го гледам ни Горан Милевски од ЛДП, со кого порано умеевме да испиеме по едно кафе во комшилук, кај Ѕвоне). Сите овие луѓе можат да го потврдат ова што го кажувам. А кој друг би можел изворно да ме брифира за состојбите во нашата владејачка партија?

Она, пак, што сум го слушнал и што е навистина разочарувачко (но не и нетипично за СДСМ), е дека во партијата, особено пред претседателските избори, а и пред тоа, се формирани неколку паралелни структури, од центарот до локално ниво, со цел личности од врвот на партијата да ги зацврстат своите позиции не само како потенцијални претседателски кандидати, туку и за периодот потоа. Слушам дека тие групи во текот на претседателската кампања во многу средини предизвикале апатија и тивок бојкот, што веројатно се одразило на разочарувачкиот скор на СДСМ.

Слушам, слушам… Да, слушам, ама сето ова се шпекулации и не би можел да застанам цврсто зад нив. Дури и под претпоставка сето тоа да е така, јас мислам дека тие структури сè уште не се доволно силни и охрабрени да ја оспорат позицијата на лидерот Заев и за таа цел да конституираат медиумска поддршка, па да започнат некаква „ПР-операција“, од што очигледно се плашат творците на опскурната пропагандна теза дека Заев мора да поведе политика на цврста рака и да се пресмета со своите критичари на сите фронтови, за да го „среди“ СДСМ.

Лидерот мора да се соочи со сопствената вина

Дали стравот од пуч во СДСМ е оправдан? Мојот прецизен одговор на ова прашање е следниов: оправдан не е, но сепак е опција за која лидерот Заев мора многу сериозно да размислува.

Во дебатата на Канал 5 одбив да лицитирам во кои владини ресори треба да заигра „метлата“ (посочив само неколку области во кои владата има неспорни успеси), но на провокативното прашање на водителката што би сторил јас да сум на местото на Зоран Заев, одговорив одлучно – би размислил за сопствената одговорност за падот на народната поддршка за СДСМ. Претпоставувам дека таа реченица предизвикала аларм во штабот на апологетите на Заев и така паднала одлуката да бидам прогласен за „носител“ на операцијата за уривање на Заев, што го доживувам како незаслужен комплимент, односно како признание за моќ и влијание какви што објективно не поседувам.

За што е виновен Заев? Се обидувам тоа да го објаснам во неколку наврати, но навистина не знам кој и што од сето тоа разбира. Еве, ќе се обидам пак. Заев е неспорен лидер, кој мандатот го почна со висок рејтинг и кој објективно има огромна моќ на одлучување. Не верувам дека е можно кој било владин проект или кое било кадровско решение да помине без негово одобрение. Таквата поставеност не е никаква новост во македонската политика – во таа смисла, неспорни лидери и султани беа и Бранко Црвенковски и Никола Груевски. Но, заедно со моќта оди и одговорноста. И тоа не е фраза, туку закон и во политиката и во животот воопшто.

Заев мора да се запраша самиот себеси зошто во периодот откако седна во премиерската фотелја, не успеа на клучните позиции да постави поумни луѓе (повични од себе), зошто не успеа во владата да акумулира многу повеќе знаење и креативна енергија што ќе се преточеа во перспективни и вистински реформски проекти, а не во популистички бајки. Заев мора да си одговори на прашањето што го натера да се опкружи со кариеристи, со дечурлаана желна за незаслужени привилегии и со луѓе што се цврсто убедени дека владата и општините со пари на буџетските обврзници треба да им го надоместат учеството во револуцијата (за што, пак, посебно треба да се разговара). Накусо, операцијата „Метла“ не вреди ако Заев самиот со себе не ја расчисти таа работа, ако не ја отстрани таа своја кобна слабост.

На лидерот на СДСМ јавно му го соопштив своето мислење зошто му се случува она што му се случува. Како и сите други партии, СДСМ денес е султанска партија. Тоа е партија без партиски живот. Без внатрепартиски тематски дебати. Без внатрепартиска демократија. Без систем на кој кадрите природно ќе растат во партијата, ќе ги промовираат своите погледи и идеи и потоа ќе ги докажуваат своите квалитети и способности. Во ваков СДСМ, Ајнштајн да се роди, веројатно ќе помине незабележано и нема да дотурка до општински советник. Затоа, сосема спротивно на идиотските совети да заведе „режим“ во партијата, најважно е лидерот да го демократизира СДСМ, да го ослободи од стегите на кариеризмот, од лактањето и од голата борба за власт, од тоа зло што објективно го руши и на крајот и ќе го сруши Заев, ако тој не му застане на патот.

За жал, многу способни и креативни луѓе денес се надвор од политичкиот живот и тоа е голем хендикеп за Македонија. Заев ќе успее да го преживее ова тешко бреме ако успее да го покрене тој потенцијал и така сериозно да ја освежи партијата. Во спротивно, внатрепартиските подмолни пресметки во СДСМ ќе се засилат и партијата ќе продолжи да тоне. Само еден човек може да го запре тој погубен тренд. Зоран Заев. Ако успее да се надрасне себеси.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...