Кој го напиша Преспанскиот договор?

1023

Дали тоа го сторија погодните политички околности кои се јавуваат еднаш на 25 години, како што рече посредникот на ООН Метју Нимиц? Или, ако сте баксуз, дури на цели 100? Дали е дело на две храбри личности, Ципрас и Заев? Се работи ли за фамозната итрина на хегелијанаскиот ум на историјата кој слегол во Ципрас и Заев? За да ги отстрани потоа безмилосно од политичката сцена откако толку себично се послужил со нив?

Го слушав Димитров во дебатна емисија со А. Кировски на Телма. Случајно или не, во еден момент рече дека Преспансакиот договор бил „автентично дело“ на долгите, мачни и неизвесни преговори со неговиот грчки аналогон Коѕијас. Ако чув добро, беше тоа одговор на прашањето дали се работи за инцијатива „од сенка“ на суперсилните на денот. Или, така рече затоа што мисли дека улогата на личноста е, наспрема онаа на околностите, супериорна?

Уште сега може да се рече: не е потребна некоја дистанаца („наредните децении“) за да се одговори „полесно на дилемата дали околностите или личностите ја сменија оваа мала балканска историја.“ Не е потребно ни да ги имаме в раце мемоарите (засега ненапишани) на клучните актери Коѕијас и Димитров. Ниту „тајните дипломатски преписки и проценките на тајните служби“, како што мисли угледниот политички коментатор С. Ордановски, за да дојдеме „полесно“ до одговор на таа „дилема“. Има добри причини за тоа. Тие не се малку. При овој повод ќе потсетам само на две.

Првата е: околностите-контекст како и личностите-актери не секогаш (и не задолжително!) воспоставуваат „или…или“ односи, по контраст. Во иста мера, по еден ист начин тие воспоставаат односи по блискост-амбигвитет; односи по (под)разбирање-импликација; односи по дополнение-комлементарни или „колку јас толку ти“ односи-реципроцитет. Што треба да ни каже тоа? Кога министрите Коѕијас и Димитров почнуваат преговори за децениски спор, имаат можност да избираат: или да гледаат се „втренчено“ (Г. Тодоровски) низ нишанот на нивните студени пушки – односи по контраст; или да дадат сè од себеси за да решат навидум нерешлив спор – односи по дополнение (коплементарни).

Може ли да се мисли дека околностите се тие што пресудиле да дојде до поволен исход во преговорите меѓу Грција и Македонија? Или пак тоа го сториле главните актери Ципрас и Заев, Коѕијас и Димитров? Може, ама само тогаш кога им се дава привилегирано (кое го немаат!) место на односите по контраст, на штета на други кои се повлекуваат во сенка. Се работи тогаш за евидентен редукционизам, добро познат не само во политиката, туку и во науката. Кога се прибегнува кон тој редукционизам, тогаш двајца луѓе кои бараат решение на спор, кои имаат на располагање само „или..или“ однос, тогаш тие ни немаат избор. Или, einmal ist keinmal, како што вели Кундера. Тоа просто не е вистина. Не е затоа што човек може да ја избира дури и сопствената смрт.

Добар доказ (втората причина) за тоа дека се работи за редукционизам кога се мисли дека или околностите или личностите се тие што го напишале и потпишале Преспанскиот договор е – фактот дека тој договор е веќе напишан и потпишан; дека е одобрен од македонскиот парламент и, конечно, дека денес (25. 01. 2019) се очекува неговата ратификација во грчкиот. Тој договор не би можел да биде напишан и потпишан кога би било непобитна вистина дека двајца луѓе и, по таа аналогија, две соседни земји, можат да воспоставуваат, меѓу себе, само односи по контраст. Но не и односи по блискост или допонение, на пример.

Сега, кој решава за тоа дали, во преговорите меѓу две земји кои бараат решение на спор што ги труе нивните односи ќе дојдат до израз оние по контраст или пак оние по дополнение? За тоа решаваат и личностите и околностите, истовремено и подеднакво. Ниту околностите без личностите можат да го сторат тоа самостојно и целисходно, ниту личностите без поволен политички контекст се доволни да дојде до спектакуларен обрт во односите меѓу две балкански земји како, на пример, Грција и Македонија. Како што треба да ви се погодат околностите за да дојде до поволен политички исход, така треба да ви се погодат и личностите на власт за да дојде воопшто до – тоа.

Дали би можело да дојде до таков исход кога од грчка страна би го имале за партнер Киријакос Мицотакис на пример (од А. Кировски чув дека бил внук на Венизелос), а од македонска Заев? Или, ако од македонска страна би го имале Никола Груевски, а од грчка Алексис Ципрас? Секако дека не! Не се можни некои преговори, уште помалку добар исход од нив, кога имате било на едната, било на другата страна политички ликови со авторитарни склоности. Уште помалку, кога имате и на двете: Мицотакис на грчка, Мицкоски на македонска.

Тоа што треба многу работи да се погодат на исто место и во исто време само на друг начин покажува дека, како во животот, така и во политиката, многу фактори се во игра истовремено. Дека се подеднакво важни (тие не знаат за хиерархија!) за да дојде до поволен исход. Дека, најпосле, изоставањето само на еден од нив може да урниса сè. Ете и зошто онаа дилема на Ордановски и не е дилема во вистинската смисла на тој збор.

Не е дилема затоа што изостава други, важни односи за атер на оние по – контраст. Може да биде само ако комлексот односи се сведе (редуцира) на еден во кој, згора на тоа факторите „околности“ и „личности“ ги постава потоа во еден „или…или“ (контраст) однос. Тој е несвојствен за нив. А зошто? Затоа што тие се само посебности. Тие не се спротивности. Затоа што човекот-личност живее во свет-околности, како што тој свет-околности живее во него.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...