Уште додека бев мал, за време на семејните прослави израснав слушајќи ги староградските песни и музика. Се пееја и свиреа во живо прекрасни љубовни македонски песни, како и многу други староградски мелодии од целиот регион. Ги научив сите текстови и можам да кажам дека на средношколските забави и кафеански излегувања играв важна улога во креирањето на музичкиот репертоар. Бевме големо друштво и многу генерации, па има многу луѓе кои за ова можат да посведочат.
Кога веќе зборуваме за ученичките денови, би сакал да споменам дека еден од моите омилени предмети беше историја. Без исклучок, тука бев многу активен, а речиси постојано ја добивав највисоката оценка. И за ова има кој да потврди, вклучително и нашата легендарна професорка, Ружа Жеваировска.
Има многу работи на кои и денеска се сеќавам од часовите по историја, иако најголем впечаток ми има оставено првата лекција во која учевме дека важно е да се учи историјата како наука бидејќи на тој начин стекнуваме поуки од минатото кои имаат влијание во креирањето на иднината.
Но, секако, тема на оваа моја колумна не е моето рано музичко образование, средношколските лумпувања или љубовта кон историјата.
Темата која сакам заедно да ја актуализираме е патриотизмот. Сфера која речиси без исклучок доминира изминативе децении и е „врел костен“ во комуникацијата на политичарите, институциите и академската заедница помеѓу себе, но во односите со целокупната јавност. Годините си минуваат, но оваа тема како да е вечна. И на крајот секогаш завршува со меѓусебни обвинувања дека едните се патриоти, а другите предавници. Секогаш некој ја сака својата земја повеќе од другиот, додека некој наводно воопшто не ја сака. И така темите се вртат во круг, а говорот на омраза и дискриминацијата едни со други правопропорционално расте.
Можеби ова не би било голем проблем доколку се случува само на релација партии и политичари. Но, за жал, ова е тема која предизвикува поделби и кавги за време на семејните прослави, комшиското кафе-пиење или за време на заедничките одења на одмор. И тука веќе алармот требало одамна да биде вклучен со цел да се преземат конкретни чекори.
Често сакам да истакнам дека средновековен патриотизам е во кафеана да испиеш неколку чаши алкохол и да почнеш да пееш патриотски песни или да се степаш за татковината. Традиционален патриотизам е почитување на обврската за редовно плаќање на даноци. Современ, би рекол дигитален патриотизам, е во ера на интернет да поминуваме тројно повеќе време со најмладите за дигитално да ги едуцираме и да им овозможиме перспективи какви што можеби ниту нашите генерации немале!
Да бидеме на чисто. Јас не сум од оние кои сметаат дека патриотизмот е негативен. Напротив, патриотизмот во современа смисла на зборот за мене значи космополитизам, себе-вреднување и својата припадност со цел развивање на уште поголема почит кон различностите и сите кои не размислуваат или постапуваат како нас. Патриотизам пред сè значи човечност и ширина.
Се разбира дека има и треба да има здруженија кои се грижат за споменот на славните Илинденци како Делчев или Гули, ликот и делото на Ататурк, Скендербег… и многу, многу други. Но, во исто време треба секој од нас да се потсети дека светот денес нѐ препознава како држава преку современиците како светицата Мајка Тереза, Симон Трпчески, Влатко Стефановски, Есма Реџепова, Тоше Проески, Виолета Томовска, Пандев, неброени бизнисмени и научници… Можам до недоглед да редам и повторно многумина ќе пропуштам да споменам. Да, ги цениме современиците, но зошто да не основаме или се приклучиме на постоечки здруженијата за нивна поддршка и промоција. Мене ми звучи како одличен патриотизам. Ги промовираме космополитските вредности за кои се залагале, нивните дела, но и нашата држава и многу туристички локалитети.
Но, сепак, да одговориме на прашањето која партија е најпатриотска? Според мене, тоа е партијата која ја сочинуваат сите граѓани, независно на кој етникум, политичка опција припаѓаат или која определба ја имаат во животот.
И токму тие, граѓаните, многу добро си ја знаат историјата и си ја почитуваат. Но, она што го очекуваат од партиите и институциите кои се платени со парите на граѓаните и компаниите е како да стигнеме до подобар и побогат живот, перспективи за младите дома и можност секој да има еднаков пристап, без повластени категории на граѓани и локални моќници. Понатаму, се очекуваат економски мерки кои никого нема да дискриминираат, но и еколошки проекти кои во неколку месеци ќе ги дадат првите видливи резултати на локално ниво…
Ова е наративот кој се очекува силно да одзвонува на партиските прес конференции, владините соопштенија и опозициските трибини. Ова се темите што граѓаните кои решија да си заминат од земјава, но и ние кои останавме тука, очекуваме да ги слушаме постојано.
Само толку треба за почеток. Да бидеме упорни и да ги охрабриме партиите и институциите да се менуваат на подобро. Сите, без исклучок, зашто ако сакаат, го можат тоа.