Според принципите на меѓународното право не постои пречка што оневозможува да се продаваат делови од сопствената државна територија. А такви зделки всушност и не се сосема редок случај. Можеби не толку на Балканот како во други делови на светот.
Најновиот предлог на американскиот претседател Трамп да понуди цена за да го купи островот Гренланд всушност не претставува ништо ново. Според некои податоци, и во 1946 година САД се обиделе да го купат големиот остров, кој е самоуправна автономна територија под суверенитетот на Данска. Тогашниот претседател Труман понудил цена од 100 милиони долари, но неговата понуда била одбиена, слично како што и предлогот на Трамп неодамна беше отфрлен од страна на официјален Копенхаген, а поради што Трамп ја откажа претходно договорената посета на Данска.
Дипломатската криза што настана меѓу Вашингтон и Копенхаген наиде на остри реакции во Данска, најмногу на „изненадување и разочараност“. Можеби тоа најконкретно го ирази премиерката Мете Фредериксен, нагласувајќи дека „Гренланд не е на продажба“ и дека се надева оти понудата на американскиот претседател не е целосно сериозна, посакувајќи му и понатаму на Трамп добредојде во Данска.
Но американските заложби за купување територии во Северениот Леден Океан, пред се поради нивното геополитичко значење и енормните природни ресурси, не се единствени. По подолгиот период на купување на земја и територии, меѓу другото, во Африка и Јужна Амеика, Кина пред неколку години се сврти кон стратегиски важниот Исланд, а околу што се слушнаа низа критички гласови.
За првпат во Европа беше предизвикан политички немир околу масовното глобално купување на земја и пристап до сировини од страна на Кина. Извесен кинески купувач настапил со понуда да купи 300 квадратни километри земја од приватен сопственик на Исланд, што е отприлика 0,3 проценти од вкупната површина на земјата.
Но, по низата изнесени критики, исландската Влада истапи со мислење оти таквата зделка би била незаконска и дека во предвид пред се треба да се земат државните интереси на Исланд. Тамошното министерство за правосудство покрена иницијатива за заострување на одредбите на законот според кој е веќе мошне тешко за воневропски државјани да купуваат земја на Исланд. Според критичарите, странските инвестиции се добредојдени, но Исланѓаните не би сакале да видат дека неколку проценти од нивната земја за краток период преминале во сопственост на странци кои не се поврзани на некаков посебен начин со нивната земја.
Се смета дека Кина веќе располага со преку два милиона хектари земјоделски насади вон сопствените граници, и планира да продолжи со купување земја во разни региони. Пред извесно време внимание привлече настојувањето на кинески бизнисмени да купат значаен дел од територијата на Австралија, голем токму колку што е и површината на Исланд – околу 103.000 квадратни километри. Но австралиската Влада ја спречи зделката, која, како што беше оценето, би претставувала закана за националната безбедност на Австралија. Иако е сосема јасно дека Австралија можеби не би изгубила многу, имајќи предвид дека нејзините околу 7.700.000 квадратни километри се безмалку 80 пати поголема површани од територијата на Исланд.
Уште еден пример кој беше проследен со голем публицитет е поврзан со решеноста на претседателот на Хондурас да им понуди на странски компании да создадат сопствени држави на територијата на оваа сиромашна централно-американска земја. Група бизнисмени од челичната индустрија на Јужна Кореја добиле можност преку сопствена инвестиција да ги испитаат можностите за изградба на град-држава со сопствени права, поставен самостојно во однос на останатиот дел на Хондурас. Претседателот, кој покренал расправа и околу промени на уставот, ги бранел таквите заложби со потребите неговата земја да добие странски инвестиции, и дека повеќе странски компании што би имале интерес да изградат сопствени градови во земјата би отвориле илјадници нови работни места. Но плановите на Јужнокореанците, поддржани од хондуранскиот претседателот, наидоа на повеќегодишни жестоки отпори од страна на граѓанскиот сектор, но и од страна на Врховниот суд и повеќе политички партии.
Државните интереси, значи, според данскиот или австралискиот пример, па и според случувањата во Хондурас, остануваат во преден план, кочејќи го тркалото што ги забрзува преговорите околу ваков вид купопродажни зделки.
На Балканот, каде што неретко се заговараат и други видови територијални „зделки“, од типот на размена на територии или прекројување на границите, а кои, освен што поттикнуваат политички немир, се чини не наидуваат на поголем успех, ретко се актуелизираат купопродажни зделки на делови од териториите на земјите во регионот.
Иако без никаква намера да се сугерира некакво чувство на резигнација и рамнодушност, можеби злокобно ќе прозвучат стиховите од познатата песна, „Македонски монолог“, на Гане Тодоровски: „…Толку се страхувам/, некоја јанѕа ме јадеда не би одново да Те раздадеме!…“ Всушност, овој емотивен восклик на поетот во суштина би требало да биде сфатен на таков начин што ќе ги отфрли сомнежите дека евентуалниот одговор, – на пример, од страна на македонските државни органи, – на слични купродажни територијални понуди и зделки, би бил веројатно приближно еднаков на одговорот што Трамп го доби од Данците. Повикување на здрав разум едноставно и наложува да се верува оти одговорот би бил – токму таков.
А за „раздавањето“ што Трамп го очекува нудејќи пари за територии на други држави, расположението на данските граѓани добро беше отсликано во еден сатиричен коментар, дека сега и „Гренланд размислува да понуди цена за купување на САД!“. Тоа веројатно би била и ефтина зделка, со оглед на енормниот американски државен долг.
„И можеби уште поефтина доколку и Трамп би бил вклучен во цената.“ Иако не и како добредојден – бакшиш.