Разликите со Скопје можат да се решат со смелост, вели министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас во интервју за германскиот весник „Шпигел“.
– Разликите со Скопје се проблеми со историски карактер, со идентитет, со наследство и култура. Овие прашања се чувствителни. Но, можат да се решат со смелост, како што правиме сега. Додека, пак, со Турција имаме проблеми со геостратешки и геополитички претензии – вели шефот на грчката дипломатија во интервјуто за германскиот весник.
Речиси целото интервју на Коѕијас за „Шпигел“ е посветено на грчко – турските релации, јави дописничката на МИА од Атина.
Во однос на двајцата грчки војници уапсени на 2 март од турските власти, откако поради лошото време по грешка преминале на турска територија во близина на Еврос, а сѐ уште се во затвор во градот Одрин, Турција, Коѕијас вели дека во неговата канцеларија има документи за стотици слични случаи со војници за кои постоело враќање без „таква ескалација“.
– По прв пат еден инцидент, кога некои војници поминаа 10 метри од границата, се третира како обид да се развие во криза, додека пак во слични случаи, со децении имаше размени – вели министерот за надворешни работи на Грција.
Тој додава дека однесувањето на Турција е променето, а тоа не е добро, бидејќи, „и нивни војници ќе се изгубат, како што секогаш се случуваше од време на време, а второ затоа што ова не е однесување на сојузник во НАТО“.
Шефот на грчката дипломатија објаснува дека случајот со осумтемина турски војници е различен од случајот со двајцата грчки војници, бидејќи турските побараа азил во Грција, а грчките власти не ги уапсија, додека пак војниците од Грција не побараа азил во Турција и беа уапсени не по нивна волја.