Коѕијас: Името и преговорите не се работа на ГПЦ

195

Името не е работа на Светиот синод на ГПЦ и добро би било да не се меша, вели грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, во интервју за ЕРТ, говорејќи за црковниот аспект на прашањето и ставот на Грчката православна црква.

– Како граѓани ги засега, но како институција не е нивно прашање – рече Коѕијас.

Тој објасни дека кога ГПЦ одлучи да ги поддржи протестите на почетокот на годинава „Светиот синод знаеше дека се во тек преговори меѓу црквата на Скопје и Вселенската патријаршија и требаше да го почитува тоа“.

-Дали ќе се признае автокефалност или било што друго на една црква е прашање на Вселенската патријаршија, не е тема на Светиот синод на црквата на Грција, не е нивен предмет. Штом е почнато решавање на прашањето добро е да не се мешаат и нека остават да се реши, а уште подобро би било да го поддржат ова решение – рече Коѕијас и откри дека преговорите меѓу МПЦ и Вселенската патријаршија траат една година.

Шефот на грчката дипломатија, јави дописничката на МИА од Атина, објасни дека Вселенската патријаршија разговара за признавање на Македонската православна црква под името Охридска архиепископија.

-Преименувањето на Македонската православна црква во Охридска архиепископија би требало да се поздрави. Би требало да им се даде награда на луѓето од Скопје за размислувањето, за храброста, одново да се вратат на нивното традиционално и непровокативно име – вели Коѕијас.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...