Договорот од Преспа ќе го донесе нашата влада во Парламентот и ќе биде изгласан со апсолутно мнозинство, од над 150 пратеници, вели шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас во интервјуто за радиото „Реал фм“.
Грчкиот министер објаснува дека е свесен за ставот на коалицискиот партнер во владата, Панос Каменос, но тоа нема да биде пречка за ратификација на договорот со Македонија.
– Имам предвид што вели коалицискиот партнер во владата, но одлуките во владата се носат од мнозинство и многу е јасно кој го изразува апсолутното мнозинство. Коалицискиот партнер е секогаш многу продуктивен и корисен, за ова прашање има негови позиции, сака да ги искажува, тоа е негово демократско право. Но, повторувам уште еднаш, грчката Влада ќе го донесе договорот во Парламентот, во Парламентот има мнозинство и ова го кажав уште лани, дека нема да се изгласа од мнозинство партии, туку од мнозинство пратеници – рече Коѕијас.
Шефот на грчката дипломатија ја повика Нова демократија, кога ќе дојде договорот во Парламентот, да не ја напуштат седницата, туку да останат и да им дадат можност на нивните пратеници секој да гласа онака како што сака, јави дописничката на МИА од Атина, .
Во однос на закажаните протести во Солун против Договорот од Преспа, Коѕијас вели дека демонстрациите се демократско право на граѓаните, но доколку се во уставните и законските рамки.
-Протестите се демократско право на граѓаните и еден човек како мене кој од 15 години протестираше за различни прашања, како што е кипарското, би бил последниот што ќе го оспори ова право. Второ, на протестите има екстремно десничарски сили, кои сакаат да го претворат во друг вид, секако дека и ова постои. Трето дека се мешаат црковни и парацрковни кругови, кои не треба да се мешаат, е, исто така, вистина. Но, втората и третата вистина не го одземаат демократското право, во рамки на Уставот и на легален начин секој да го изразува своето мислење, неговото несогласување, па дури и неговата загриженост за едно прашање, објасни Коѕијас за „Реал фм“.
Во однос на реакциите во северниот дел на Грција, шефот на грчката дипломатија рече дека од грчката Влада и силите што ја поддржуваат „потребна е поинтензивна кампања што ќе ги објаснува придобивката и високиот квалитет на договорот“.
Министерот за надворешни работи на Грција, во интервјуто за грчкото радио, упати критики и обвинувања до опозициската Нова демократија за позицијата во однос на Договорот од Преспа, а говореше и за позитивните аспекти и она што Грција го добила од компромисот со нашата земја.