Бизнисменот Сеад Кочан утрово го примил решението од Основниот кривичен суд дека треба веднаш да се јави во затворот „Идризово“ на издржување на затворската казна од 4 години и 8 месеци.
Во затворот „Идризово“, пак, известување дека Кочан треба да се пријави на капија стигнало вчера попладне. Откако бизнисменот не се појавил во текот на вчерашиот ден и во текот на ноќта, утрово, како што вели директорот на „Идризово“, Боби Мојсоски, го известиле судот дека осудениот сѐ уште го нема.
Меѓутоа, ваквото известување кое се однесува на вчерашниот ден сега не важи, бидејќи Кочан дури утринава го примил решението, па од Кривичен сега ќе чекаат нова вест од „Идризово“ дали пристигнал новиот станар или не.
Ако бизнисменот не се појави, судот ќе треба да го спроведе со полиција. Меѓутоа, има можност тој да не заврши во ќелија ако испратил дополна на документацијата во барањето за одложување кое веќе му беше одбиено.
Плусинфо се обиде да ја праша одбраната на Кочан дали ќе поднесат или веќе поднеле дополнување на барањето, но до овој момент не успеавме да добиеме информации.
Кочан требаше да почне да ја издржува затворската казна на 17 јули, но ден претходно беше хоспитализиран и побара заминувањето во затвор да се одложи. Кривичниот совет вчера го одби барањето и му испрати решение веднаш да се јави во „Идризово“.
Затворската казна која треба да ја одлежи бизнисменот е поради манипулации за добивање тендер од ЕЛЕМ од 17 милиони евра со прикажување лажна документација. Кочан е единствениот од овој предмет кој треба да одлежи затворска казна. Тој првично доби шест години, но Апелација му ја намали казната.
Второобвинет беше Василие Авировиќ. Тој исто така беше осуден на затвор од три години, но второстепениот суд му ја преиначи казната и му одреди условна односно две години затвор кои нема да се извршат ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.
Третиот кој беше обвинет во предметот, Сафет Ватиќ, доби ослободителна пресуда.
Покрај нив, во обвинението на СЈО се најдоа и три фирми, „Трансмет“, „Силекс неметали – Кратово“ и „Вато“, од кои третата беше ослободена. За другите судот одреди и конфискација на имот од околу 17 милиони евра.